Во средното општинско училиште „Ѓорче Петров” Крива Паланка започна реконструкција на спортскиот терен кој ќе биде обложен со тартан подлога. Проектот се реализира со средства од буџетот на училиштето, а истиот е во висина од околу 7.5 милиони денари.
– Отпочна еден важен проект со кој ќе се подобрат условите за реализација на наставата по спорт и спортски активности во нашето училиште и очекувам да биде завршен пред крајот на наставната година. Реконструкција на овој терен е реализирана пред повеќе од десет години, поради што со овој проект ќе се изврши замена на целата ограда, руирнираната подлога ќе се реконструира и ќе се постави тартан, адекватна подлога за реализација на физички активности, ќе бидат поставени рефлектори за користење на теренот и во вечерните часови, ќе се обноват реквизитите, а ќе се постави и пристапна рампа за лица со инвалидитет, информира директорката на СОУ „Ѓорче Петров”, Габриела Стаменковска.
Денес во обиколка на активностите беше и градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, со тим од општинската администрација. Рокот за изградба е пет месеци, со што веќе напролет се очекува да биде завршена целосната реконструкција.
Изведувач на работите е компанијата „Белешков инженеринг”.