Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, денес оствари средба со младиот кошаркар Горазд Величковски од Крива Паланка, кој деновиве потпиша договор со најтрофејниот македонски кошаркарски клуб- Работнички од Скопје.
Овој голем успех на Горазд Величковски е резултат на неговиот талент, упорност, напорни и континуирани тренинзи, кои Горазд уште како дете од неполни 7 години ги започна во Кошаркаскиот клуб Крива Паланка под водство на тренерите Ведран Белешковски и Мирослав Ивановски, а подоцна и во КК Феникс 2010 од Скопје со тренерот Денис Давидовиќ.
Горазд Величковски воедно е и дел од кошаркарската репрезентација на РС Македонија до 16 години, која минатата година оствари историски пласман во А -дивизијата.
Во оваа прилика во знак на благодарност за достојно претставување на Крива Паланка, за вложениот труд, упорност, постигнатите досегашни резултати и потпишаниот договор со КК Работнички, на младиот кошаркарски талент, градоначалникот Мицевски му врачи плакета и Монографија на Крива Паланка 1633-2020 со посвета и искрени желби за успешна понатамошна кариера, како во новиот кошаркарски клуб Работнички, така и во реномирани европски тимови и професионалната НБА лига.