Денес во големата сала на Општина Крива Паланка се одржа работен состанок на градоначалникот Борјанчо Мицевски и претставници на стручните служби од Општината со директорот Хари Локвенец и претставници од ЈП Железници – Инфраструктура.
Состанокот беше инициран заради координација со сите засегнатите страни во насока на реализација на најголемиот капитален инфраструктурен проект –изградба на пругата на Коридорот 8 (Куманово-Бељаковце-Крива Паланка до граничниот премин со Р. Бугарија).
Најголем акцент на состанокот беше ставен на детектирањето и усогласувањето во решавањето на предизвиците и проблемите што се јавуваат на третата фаза од трасата за изградба на железничката пруга, како и решавање на проблемите со експропријација и дислокација на објекти.
Во рамки на состанокот беа детално разгледани и усогласени сите реални прашања, дилеми и проблеми кои беа нотирани од страна на стучните лица од Општината и беше договорена понатамошната динамика за тековно решавање на истите.
Директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец, на состанокот рече дека реализацијата на овој најголем државен капитален проект – изградба на пругата до Р.Бугарија, има огромно економско и политичко значење и е од врвен државен приоритет и во таа насока треба максимално да ги мобилизираме сите расположови ресурси за решавање на сите предизвици во овој процес и да ја искористиме можноста за непречена имплементација и реализација на овој капиталнен проект.