Започна имплементација на проектот „Одговорни институции – среќни граѓани“

Тим од дваесет негуватели ќе се обучи и ќе пружа нега на стари лица во Крива Паланка во рамки на проектот „Одговорни институции- среќни граѓани” кој Општина Крива Паланка и Црвен крст го имплементираат со финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија.

Проектот е насочен кон помош и нега на стари лица во домашни услови и предвидува обука на дваесет негуватели на стари и изнемоштени лица, пружање услуги на возрасни лица од општината и набавка на возило за  реализација на активностите.

– Општина Крива Паланка во соработка со  ОО Црвен крст аплицираше со предлог проект во Министерството за труд и социјална политика и обезбеди грант во висина од 11.034.000 денари. Проектот предвидува пружање социјални услуги на стари и изнемоштени лица во домашни услови кои не се во можност да се грижат сами за себе, а активностите ќе се имплементираат во два дела. Првиот дел опфаќа воспоставување на  услугата, сертифицирање на 20 негуватели кои ќе бидат стручно обучени за пружање помош и нега во домашни услови на стари и изнемоштени лица, по што ќе следи опремување простор  за непречена реализација на подготовка на негователите и набавка на специјализирано возило за транспорт на негователите или корисниците за нивните потреби, посочи градоначалникот Борјанчо Мицевски.

Проектот се реализира по согледување на фактичката состојба со масовно иселување на младите од Крива Паланка, по што во многу семејства останале само стари, болни и изнемоштени лица.

– Овие стари лица не можат да обезбедат основна социјална и здравствена грижа, односно не можат да ги задоволат своите основни животни потреби. Ваквата ситуација особено влијае на опаѓање на квалитетот на живот на овие ранливи групи, кои се осамени, изолирани, многу од нив се во социјален ризик и без институционална и вонинституционална заштита. Поради сериозноста на проблемот Општина Крива Паланка во соработка со Општинската организација на Црвен крст  и Советот за социјална заштита при Општина Крива Паланка кој го сочинуваат учесници од повеќе локални институции беше изработен соодветен проект со утврдени проблеми и потреби на оваа категорија лица и се надеваме со спроведување на проектот  ќе се придонесе за подобрување на состојбата, додаде Мицевски.

Со проектот ќе бидат опфатени 40 стари и изнемоштени лица.

Општина Крива Паланка и ОО Црвен Крст Крива Паланка неколку години наназад реализираат проекти за грижа на стари, осамени и изнемоштени лица и лица со попреченост во домашни услови. Истите наидоа на големо задоволство кај корисниците и дадоа многу позитивни ефекти на планот на подобрувањето на социјалната заштита на ранливите групи, давање дополнителни социјални услуги и унапредување на квалитетот на нивниот живот.

 

Големина на фонт
Контраст