Во Крива Паланка се одржа средба за унапредување на средното стручно образование

Денес во големата сала на Општина Крива Паланка се оддржа работна средба на која присуствуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, градоначалникот на Општина Кратово Д-р Љупчо Бојаџиев, директорите на средните училишта од Крива Паланка и Кратово, претставник од платформата за јавно приватен дијалог и претставници од компаниите.

Настанот  е дел од процесот за унапредување на средното стручно образование, што го започна  Министерството за образование и наука со поддршка на Швајцарската амбасада.

Основна цел на овој процес со мото „Учи паметно, работи стручно“ е  низ еден транспарентен социјален дијалог со сите чинители на општествениот живот, да се идентификуваат потребите од отворање на одредени профили и паралелки, во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната учебна година.

Во рамки на настанот беа разгледани многу конструктивни и корисни предлози за тоа како да се унапреди системот на средно стручно образование и да се одговори на потребите на реалниот сектор со соодветен стручен кадар.

Образованието е една од најзначајните алки во секое општество, а токму ваквите непосредни средби се вистински начин да се даде насока за следните чекори во стручното  образование. Дуалното образование е една од можностите, а денес дискутираме каква е реалната состојба на пазарот на труд на локално ниво и што е она што го очекува стопанството да се генерира како кадар, изјави градоналникот Борјанчо Мицевски.

Министерката Царовска на средбата изјави дека, во соработка со сите чинители вклучени во овој процес, спремни сме да одговориме на барањата на компаниите, но и да креираме модел на стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор.

Големина на фонт
Контраст