Во Крива Паланка од денес е ставен во функција модерен информативен центар за младите – „Европска куќа“ (Europe House), проект што се реализираше во рамки на програмата „ЕУ за тебе“.
На свеченото отварање на „Европска куќа“ присуствуваа претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, а нивен домаќин беше градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
„Европска куќа“ е првиот ваков центар што се отвора на локално ниво, со цел препознавање на потенцијалот на младите, нивните стремежи и амбиција да се надградуваат професионално и поттикнување на младите луѓе да земат активно учество во обликувањето на европската иднина на земјата.
Овој нов урбан простор, концептуално е дизајниран да биде место каде што младите луѓе може да се ангажираат, да се сретнат, да дебатираат, учат, организираат настани, гледаат филмови, учествуваат во културни активности, да се забавуваат, вмрежуваат, да создаваат и да ги презентираат идните идеи или проекти, но и да добијат информации за европските вредности, функционирањето на ЕУ, интеграцискиот процес и отворените европски фондови.
Во рамки на свеченото отворање на „Европската куќа“ се реализираше и изложба на фотографии од младите луѓе од Крива Паланка, креирани од младиот локален блогер Роберт Крстевски, а беа проследени и видео пораки од eвропскиот комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел, и од неколку млади европски амбасадори од Северна Македонија.
По свеченото отворање ќе следат онлајн активности во текот на целата седмица, со акцент на локалните предизвици и потреби на младите, вклучувајќи работилници, вебинари, музички изведби, мултимедијални настани, спроведени во согласност со безбедносните протоколи во услови на КОВИД-19.
Нека ова биде место на младите и идните генерации, симболика на стремежот и амбициите за напредок, учење, искуства,нови контакти, проекти,симболика на нови мостови на соработка и пријатество. Младите се движечка сила, носители на промените и клуч на успехот на секое општество, истакна градоначалникот Мицевски во своето обраќање и изрази голема благодарност до амбасадорот Дејвид Гир и Делегацијата на Европската Унија за можностите и перспективите за младите луѓе од Крива Паланка, што се нудат со отворањето на „Европската куќа“.
Отварањето на „Европска куќа“, местото на новата генерација во Крива Паланка, е плод на една долгогодишна и успешна соработка и партнерство помеѓу Делегацијата на Европската Унија и Општина Крива Паланка.