Вчера во Клубот на пратеници во Скопје, градоначалникот Борјанчо Мицевски и директорката на ОЈУДГ „Детелинка“ Мирка Јакимовска потпишаа трипартитен договор со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска за имплементација на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи детски градинки“, кој е поддржан од Ромскиот образовен фонд (РЕФ) и Министерството за труд и социјална политика.
Имплементацијата на проектот во општина Крива Паланка предвидува згрижување на десет деца Роми кои ќе ги финансира општината од својот буџет и вработување на еден медијатор од ромска припадност кој ќе биде финансиран од страна на Ромскиот образовен фонд.
Целта на имплементацијата на овој проект е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на деца Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца, што е од огромно значење за припадниците на ромската популација.
Активностите од овој проект ќе се имплементираат 12 месеци во текот на учебната 2021/2022 година.