Манифестации

ЛИКОВНА КОЛОНИЈА „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“

Ликовната колонија „Свети Јоаким Осоговски“ се одржува секоја година од 5 до 20 септември, почнувајќи од 5 септември 1987 година. Подршката што ја доби оваа ликовна манифестација од Неговото Високо Преосвештенство митрополитот полошко-кумановски, Господин Кирил, значеше отварање на портите на манастирот Св. Јоаким Осоговски за уметноста и за неистражените форми на духот.
Почетокот беше означен како возобновување на осум века старата традиција на манастирот како културен, едукативен и духовен центар.

Од 1993 година колонијата се здоби со интернационален статус со што се овозможи пулсирање на различни култури и традиции, на различни уметнички пристапи и стилски ракописи.

ЛЕТНАТА ШКОЛА ЗА АРХИТЕКТУРА

Летната школа на студентите на архитектура се одржува од 1992 година во манастирскиот комплекс Св.Јоаким Осоговски. Школата е организирана во вид на работилници и предавања, и секоја сезона се обработува различна тема. Студенти и предавачи доаѓаат од многу земји во светот што на школата и дава интернационален карактер.

Листата на предавачи вклучува архитекти, социолози, историчари на уметност, писатели … со што школата, замислена како летна сесија на архитектонско образование на младите кадри, во својот концепт ги надмина рамките на строго едукативната функција.

Истражувањето на архитектонското наследство на територијата на Македонија се сврте кон културата во поширока смисла, кон филозофијата, социологијата и многузначното поимање на вкупното културно наследство.

МЕЃУНАРОДЕН ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“

Интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ се одржува во Крива Паланка на 26,27 и 28 август. Организацијата на фестивалот, кој вклучува дефиле на учесниците и програма на отворено, е во надлежност на општината и Центарот за култура од Крива Паланка .

Во претходните  изданија на фестивалот имаше учесници од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Турција, Босна и Херцеговина, Кипар, Романија со тенденција да се зголеми бројот на надворешните учесници во наредните изданија.


МЕЃУНАРОДЕН ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“

Општина Крива Паланка во соработка o Центарот за култура и манастирот Св. Јоаким Осоговски, во рамките на своите програмски определби за промоција на потенцијали преку развој на културата, организира Меѓународен театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“. Фестивалот се одржува традиционално секоја година од 15 до 22 септември.

На првото фестивалско издание, во 2009 година, настапија Културен Центар Скрб и Утеха  и НТ Ј.Х.К. Џинот од Велес, Република Македонија; Народен театар Стерија, Вршац, Република Србија; Општински драмски театар Невена Кокалова, Дупница, Република Бугарија; Општински драмски театар Ќустендил, Република Бугарија; и Драмско студио при НУ Центар за култура Крива Паланка, Република Македонија.

ПИВТИЈАДА

По повод чествувањето на големиот христијански празник Богојавление – ВОДИЦИ, Општина Крива Паланка  ја организира манифестацијата „ПИВТИЈАДА”. За прв пат манифестацијата е организирана 2010 година. Настанот се одржува на 19 јануари на плоштадот во Крива Паланка, по завршување на церемонијата на фрлање на крстот во водите на Крива Река.

Големина на фонт
Контраст