На 22.10.2012 година во просториите на Регионалниот Историски Музеј „Академик Јордан Иванов“ во Ќустендил беше одржана прес конефенција по повод почетокот на имплементирањето на проектот „Културното наследство на нашите предци – Духовен столб на нашата заедничка европска иднина“ од вториот повик на ИПА Програмата за Прекугранична соработка. Вредноста на проектот изнесува 97.156 евра и е насочен кон искористувањето на културните ресурси.
Водечки партнер е Регионалниот Историски Музеј „Академик Јордан Иванов“ од Ќустендил додека проектен партнер е Општина Крива Паланка. Промоцијата на проектот ја отвори и водеше г. Валентин Деброчички, директор на РИМ, а на истата поздравен говор одржа градоначалникот на Општина Крива Паланка г.Арсенчо Алексовски кој истакна дека претставува големо задоволство да се работи со реномирана институција со традиција од областа на културата и културното наследство како што е Музејот во Ќустендил и дека во основа, ова претставува добар проект со кој може да се претстават и истражат културните вредности на поширокиот регион. Исто така Алексовски истакна дека со искористувањето на фондови од ИПА Програмата, Европската Унија директно влијае врз одржувањето на добрососедските односи на двете Општини и двете држави во целина. На прес-конференцијата учествуваа проектните тимови на двата партнера.
Проектот трае 12 месеци во кои што е предвидено реализирање на поголем број на активности: зацврстување на прекуграничната соработка на полето на културата преку воспоставување на нови контакти помеѓу творци од областа на традиционалните уметности од пограничниот регион и спроведување на нови заеднички културни настани и фестивали, спроведување на комплексни теренски истражувања на територијата на пограничниот регион Ќустендил – Крива Паланка и изработка на заедничка база на податоци за материјалното и нематеријалното културно наследство од пограничниот регион, подготовка и организација на дводневен фестивал на традиционалната култура во Ќустендил и Крива Паланка со ревија на традиционална облека, детски празници „Игрите на нашите баби и дедовци“ и изложби на традиционални јадења од пограничниот регион, организирање на дводневен семинар „Културно наследство без граници“ во Крива Паланка со учество на експерти од Р. Бугарија и Р. Македонија коишто работат на полето на проучување на културното наследство од пограничниот регион Ќустендил – Крива Паланка. Круна на проектот ќе претставува објавувањето на книгата-водич „По патот на легендите“.
Од особен интерес на Општината е да се реализираат и имплементираат што поголем број на проекти финансирани од Европската Унија за решавање на конкретни проблеми кои се есенцијални за развојот на Општината, меѓу кои е и развојот на културниот туризам.