Лана Велковска, член на училишниот оркестар од ООУ „Јоаким Крчовски”, освои трето место на детскиот фестивал „Распеани срца”

Со одлична вокална изведба на песната „Илјада лајкови” Лана Велковска, член на училишниот оркестар од основното општинско училиште “Јоаким Крчовски”, освои трето место на детскиот фестивал „Распеани срца” во Штип.

Овој детски фестивал опстојува 26 години на Македонската сцена, а членовите на оркестарот под раководство на професорката Лариса Жулина-Митовски веќе две години успешно се претставуваат.

– Фестивалот секоја година со своето редовно одржување ја најавува есента. Веќе втора година членовите на училишниот оркестар при ООУ „Јоаким Крчовски“ – Крива Паланка учествуваат на фестивалот како солисти и вокални изведувачи и освојуваат први места. Минатата година мојата ученичка Меглена Георгиева со песната „Докторка“ ја фасцинира публиката со незаборавен настап, а Лана Велковска на овогодишното издание на фестивалот со песната „Илјада лајкови“ го импресионира жирито и освои трето место. Како вокални изведувачи моите ученици ги освоија наградите совршено интерпретирајќи ги популарните вокално-инструментални дела.
Учениците кои посетуваат оркестар имаат можност да стекнат основни познавања за музичката писменост, да свират на музичките инструменти, да ја зајакнат самодовербата при изразувањето и да ги почувствуваат резултатите од тимската работа.
Свирењето инструмент или пеењето е одличен начин за ослободувањење од стресот и анксиозноста, вознемиреноста и напнатоста и им дава на децата одлична можност за креативно изразување, изјави Жулина-Митовски.

Таа им честиташе на сите учесници на фестивалот, поттикнувајќи ги да продолжат понатаму во нижењето успеси и претставување на училиштата и на своите општини.

Големина на фонт
Контраст