Ѓокица Лукаревски лауреат на тринаесеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“

Денес во салата на Општина Крива Паланка, во пригодна атмосфера, беше доделена наградата за значаен придонес во областа на театарот и културата – лауреат на тринаесеттото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ за 2021 година на актерот Ѓокица Лукаревски.

Наградата за лауреат на нашиот истакнат актер, беше врачена од страна на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, а за уметничките достигнувања и творештвото на Ѓокица Лукаревски говореше Гоце Ристовски.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски рече дека му е чест што меѓу лауреатите на театарскиот фестивал се вклучува познатиот и омилен македенски актер Лукаревски.

Рецензентот Гоце Ристовски, театарски критичар и публицист, истакна дека Лукаревски е единствен меѓу актерите кој се издвојува по својата мултиталентираност и мултислојност во толкувањето на улогите од најразлични жанрови и по освојувањето на сцената дури и во драмските паузи.

„Вакви зборови за моето актерско творештво досега не сум доживеал. Емоциите што ги доживеав овде за мене воедно се многу тешки, но и многу благодарни. Чест ми е што сум дел од лауреатите на овој театарски фестивал“, рече Лукаревски.

Во своето обраќање пред публиката ја изрецитира песната „На гробот на Дениција“ од Петре М. Андреевски, која ја рецетирал и на приемниот испит на Факултетот за драмски уметности пред неговиот ментор Илија Џувалековски.

Лукаревски е познат по бројните улоги во филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации. Со својата длабоко доживувана актерска интерпретација, Лукаревски посебно се истакнува во неколку претстави, каде што толкува главни и споредни улоги, а познат е и по улогите во „Пресуда“, „Македонски народни приказни“ и радиоемисијата „Хихирику“.

.

Големина на фонт
Контраст