Со положување на свежо цвеќе на спомен-бистата на паднатите борци од НОБ пред општинската зграда, во Крива Паланка отпочна празнувањето на Денот на ослободување, 8 Октомври.
Цвеќе на споменикот од НОБ положија делегација од Општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски, од Советот на општината, предводена од претседателката Изабела Павловска, од советничките групи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, делегации од Бор и Лесковац од соседна Србија, делегации на политичките партии, на МВР, на локалните јавни претпријатија и институции, воспитно образовните институции, Сојуз на борците, здруженија на граѓани и граѓански организации.
Чествувањето на празникот на градот продолжи со Свечена академија што се одржа во НУ Центар за култура Крива Паланка, на која беа доделени највисоката општинска награда, осмооктомвриска награда, осмооктомвриските признанија и беше прогласен годинашниот почесен граѓанин на Крива Паланка.