Денеска во Општина Крива Паланка беше презентиран проектот за изградба на 415-мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра, кој ќе го гради германската компанија ВПД во стратешко партнерство со македонската влада.
Станува збор за проектот „Вирови“, со кој на потегот од Куманово до Крива Паланка ќе се изградат 69 ветерни турбини со што ќе се овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглерод диоксид.
Претставниците од компанијата истакнаа дека во секоја фаза од реализацијата на проектот, кој е предвидено да се имплементира во период од шест години, ќе биде вклучена јавноста со своите предлози и прашања со цел да се изгради доверба со локалната заедница, со оглед дека станува збор за долгорочна инвестиција регулирана со Договор за стратешко партнерство меѓу македонската влада и ВПД на 45 години.
„Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата, а со максимална примена и почитување на највисоките еколошки стандарди, ќе снабдува 290.000 домаќинства, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи.
Градоначалникот Мицевски го истакна значењето на обновливите извори на енергија во насока на одржлив развој на заедницата и зачувување на животната средина, а секако и позитивниот социо-економски ефект кој ќе го има инвестицијата за Крива Паланка.