Потпишани договорите за стипендирање на децата со попреченост во редовниот процес на образование

Родителите на дечиња со попреченост кои се вклучени во редовниот процес на образование од прво, второ и трето одделение од Крива Паланка потпишаа односно ги продолжија договори за стипендирање на учениците, во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ што го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Договорите ги потпишаа и одговорните од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Татјана Арсовска и Благица Димитровска, кои заедно со Здружението за давање услуги на лица со попреченост „Хендимак“, во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, се партнери во имплементацијата на проектот.

–  Потпишани односно продолжени се три договори за стипендирање на дечиња со попреченост кои остварија право на стипендирање во минатата учебна 2020/21, првооделенци и ученици од второ одделение од двете основни училишта во Крива Паланка, ООУ „Илинден” и „Јоаким Крчовски”, а исто така беа остварени и седум нови стипендии на ученици од прво одделение кои се со попреченост,  а се вклучени во редовниот процес на образование во двете општински основни училишта.

Со овој проект оваа година во Општина Крива Паланка по втор пат се доделува директна финансиска помош кај родителите, кои се постојано изложени на дополнителни трошоци за реализација на сите неопходни дневни и секојдневни активности поврзани со нивните деца. Децата-стипендисти ќе добиваат средства во висина од 50 евра во денарска противвредност, за десет месеци во училишната година, а задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение.

Проектот во Крива Паланка се реализираше во соработка со Општината и стручните служби од основните училишта.

Големина на фонт
Контраст