На пригодна свеченост на која беа доделени признанија, плакети и благодарници на бројни соработници, Градскиот музеј Крива Паланка ја прослави петнаесет годишнината од своето основање.
На свеченоста се зборуваше за основањето, растот и развојот на оваа установа, која денес претставува вистинска ризница на културно, историско, етнолошко, археолошко и уметничко богатство на Крива Паланка, препознатливо во регионот, државата и пошироко.
Во развојот на локалната установа -Градски музеј Крива Паланка е вграден трудот и ентузијазмот на многу соработници, подддржувачи и волонтери од Општината, но благодарение на упорноста и огромната професионалност и посветеност на Драган Величковски, директор на оваа установа, денес имаме современа културна институција со изградени капацитети на која и оддаваат почит многу регионални и национални установи.
– Низ сите претходни години бевме соочени со бројни предизвици во упорното настојување за реформи во системот, за да локалните музеи го добијат местото што го заслужуваат и затоа сега, по петнаесет години континуирана работа и ентузијазам, задоволни сме од се што имаме направено за зачувување на културното наследство и развојот на културата. А, кога се работи со љубов и со желба да се остави зад себе дело, вредно за граѓаните и институциите, тогаш доаѓаат и успесите и резултатите. Горди сме што успеавме да создадеме мрежа на соработници со кои заедно работиме на унапредување на музејската дејност во локалните заедници“, истакна директорот на музејот Драган Величковски.