Се асфалтира пристапниот пат кон новите градски гробишта во општината

Интензивно се работи на асфалтирање на пристапниот пат кон новите градски гробишта во општината. Денес увид во градежните работи на терен извршија градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, општинските служби и директорот на јавното претпријатие “Комуналец”, Миле Марковски

-Ова е проект што по подолг временски период решава еден горлив проблем на сите граѓани, токму пред Задушница, за достоинствено одбележување на деновите во знак на сеќавање на покојните. Проектот  е вреден 198 илјади евра, средства обезбедени преку кредит од Светска банка, преку Министерството за транспорт и врски, со договор за поврзување локални патишта од 2019 година и меморандумот за соработка помеѓу Општина Крива Паланка и Министерство за транспорт и врски, во согласност со процедурите за реализирање проекти финансирани од Светска Банка. За целокупната траса изготвен е и сообраќаен проект за хоризонтална и вертикална сигнализација. Покрај градежни активности на патот, ќе се изградат и потпорни ѕидови, а по викендот ќе се асфалтира и паркингот на оваа локација, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Истакна дека задачата на локалната власт е да работи на подобрување на условите во сите сегменти од општественото живеење.

-За подобра и развиена општина во истиот овој период  се одобрени повеќе проекти за изградба на патишта и улици. Секојдневно, посветено и неуморно работиме на подобрување на условите и продолжуваме со несмалено темпо  во следниот период, додаде Митовски.

Големина на фонт
Контраст