Оригиналната рецептура и технологија на производство е зачувана и пренесувана од колено на колено во фурнаџијата Стојковски Станојко повеќе од 100 години.
-Паланечкиот симит од рецептот на фурнаџијата Стојковски Станојко ќе го зачуваме и со елаборат заштитиме како бренд на нашите баби и дедовци. Со посебна љубов и обврска, со “Слоу Фуд Македонија”и министерот Николовски започнуваме еден проект што вреди многу за нас и генерациите. Да го вратиме мирисот и вкусот во нашата стара чаршија, да помогнеме со сите мерки и програми и го внесуваме на меѓународните каталози за традиционални специјалитети, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски
-„Паланечкиот симит“ е обележје на Крива Паланка и традиција на производство која ја негувале паланечките фурнаџии со која го пречекувале секој добронамерник во градот и претставувал најпосакуван подарок кога паланчани оделе на гости. Тајната на добриот вкус е посебната технологија на подготовка на мајата од наут која се подготовува од претходниот ден и со која се замесува тестото за симитот.За жал денес, вистинскиот вкус и мирис останал само во меморијата на секој кој го пробал и како знаење на постарите фурнаџии.
Оригиналната рецептура и технологија на производство е зачувана и пренесувана од колено на колено,беше кажано на состанокот.
Според министерот Николовски, една од првите задачи на Слоу Фуд Македонија е да се впише „Паланечкиот симит“ во Арката на вкусови, светскиот каталог на прехранбени производи на Слоу Фуд на кои им се заканува опасност од исчезнување, потоа да работиме заедно со локалните фармери во обезбедување на основните суровини од локално потекло, обновување на производството со локалните фурнаџии, по што би се воспоставил и „Президиум на паланечкиот симит“, а истовремено и би се изготвил и елаборат за добивање на заштитена ознака заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Општина Крива Паланка заедно со Слоу Фуд ќе се погрижи за неговата промоција со организирање на фестивал на паланечкиот симит“, како и учество и промоции на овој гастрономски бренд на национално и меѓународно ниво, преку негова презентација и промоција на бројни настани и прилози на повеќе медиуми.
Симитот е и официјален сувенир на Крива Паланка.