Женската кошаркарска екипа од средното општинско училиште “Ѓорче Петров”, Крива Паланка освои бронзени медали на првите Отворени Балкански училишни спортски игри.
На овие игри тимот во 3х3 од кривопаланечката гимназија беше национален претставник како државен првак од училишната Гимназијада 2022.
Екипата во кошарка 3х3 предводена од професорот по спорт и спортски активности, Ведран Белешковски, учествуваше на петдневните Балкански училишни игри заедно со околу 450 ученици-натпреварувачи од најдобрите средни училишта од најдобрите средни училишта од Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
-Имавме одлична можност да ја претставиме државата на овие први отворени средношколски игри,а до сребрениот медал стасавме по победата над екипите од Република Србија и Република Бугарија. Во финалето,вчера, во неизвесен натпревар изгубивме од баскет-тимот од Република Српска. Во секој случај,чест и задоволство ни е што достојно и репрезентативно ги одбранивме државните бои и во одлично светло ја претставивме нашата гимназија и државата. Благодарност до директорката на СОУ Ѓорче Петров, Елена Ѓорѓиевска којашто многу не поддржува и секако, благодарност до АМА и ФУСМ за одличната организација, изјави професорот Белешковски.
Настанот е во организација на Федерацијата за училишни спортови на Македонија ( ФУСМ) ,со поддршка на Агенцијата за спорт и млади ( АМС), а Охрид беше домаќин на игрите што имаат за цел зближување на младите спортисти од Балканот, создавање нови познанства, премостување на разликите и обид преку спортот да се реализира идејата за отворен Балкан.
На игрите беа застапени: ракомет, кошарка 3х3, футсал, одбојка на песок, пинг-понг, атлетика и шах.