Со инвестиција од над 15 милиони денари од Јавно претпријатие државни патишта за асфалтирање на патот кон селото Огут, делница с.Габар-м.в. Метежевски преслап, реализиран е уште еден крупен инфраструктурен проект во Општина Крива Паланка.
Со проектот целосно е асфалтиран овој регионален патен правец и подобрена е сообраќајната комуникација за жителите и на селото Огут, но и на околните села: Габар, Метежево и Нерав.
-Задоволство ми е што со жителите на сите села што гравитираат во овој реон денес можеме заедно да прославиме една успешна реализација на проект од големо значење за овој регион- капиталниот проект за целосна рехабилитација и асфалтирање на патниот правец кон село Огут. Комплетирана е целата делница на овој регионален пат, од село Габар до м.в. Метежевски преслап, а со тоа, завршен е уште еден многу важен проект за граѓаните на Крива Паланка. Само за оваа делница од 5300 метри се ивестирани над 15 милиони буџетски средства од годишната програма на Јавното претпријатие Државни патишта за 2022 година, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Во изминатиот период за рехабилитација на патот Крива Паланка – село Огут, кој се обнови по речиси 40 години од изградбата, вложени се вкупно над 30 милиони денари од ЈПДП.
-Тоа е потврда дека зборот е збор, дека ветувањата се исполнуваат, а локалната власт на СДСМ, заедно со централната вложуваат рамномерно во развојот на секој дел од општината. Благодарност и до изведувачот, до вработените во Македонија пат, кои професионално, вредно и неуморно работеа за успешно да се заврши и навремено овој проект.И во наредниот период продолжуваме со несмалено темпо да работиме за доброто на сите жители, а за тоа говори и заложбата на општината и веќе изготвениот проект за рехабилитација и асфалтирање и на преостанатиот дел од овој патен правец,село Огут -село Нерав, додаде Митовски.