Општина Крива Паланка доби две нови алтернативни површини за паркирање возила со цел олеснување на секојдневниот недостиг од паркинг простор.
Локалната самоуправа на општината во соработка со јавното претпријатие “Комуналец” уредија површини за алтернативен паркинг простор во близина на централното градско подрачје со што делумно ќе се олесни сообраќајниот метеж.
Градоначалникот, Сашко Митовски, рече дека работат неуморно на решавање на проблемот со сообраќајниот метеж.
-Крива Паланка деновиве доби втор алтернативен паркинг простор во центарот на градот, погоден за извршување на секојдневните обврски. Оваа локација се наоѓа непосредно до меѓуградската автобуска станица, блиску до општината и полициската станица, покрај сточниот пазар. Просторот е идеален за паркирање за сите кои рано наутро патуваат на работа и имаат потреба возилата да ги остават во центарот на градот подолг временски период од денот, рече градоначалникот Митовски.
Другото алтернативно решение за паркинг простор беше уредено за потребите на градскиот пазар, кадешто истовремено е извршено хортикултурно уредување на кејот на Крива Река.
-Општината и ЈП “Комуналец” работеа во мајор коритото на реката на потегот од т.н. Шанин мост кон градскиот пазар за уредување на кејот, хортикултурно разубавување и функционално приспособување за намалување на сообраќајниот метеж истовремено, така што се обезбеди нов паркинг простор на една минута од центарот на градот, а со дополнително уредената локација кај автобуската станица, имаме две нови површини за да се намали гужвата во сообраќајот, особено во текот на летото, кога општината ја посетуваат бројни туристи, додаде Митовски.