Во Општина Крива Паланка денес се оддржа отворена средба на граѓаните со локалната инспекциска служба, насловена како инфо- средба „Запознај го својот инспектор“.
Сите заинтересирани граѓани и претставници на граѓанските организации од Крива Паланка имаа можност да се запознаат и да разговараат со локалните општински инспектори за нивната работа, за нивните надлежности, за нивната основна функција,за начинот на кој може да пријават проблем и да побараат да се изврши инспекциски надзор, вклучително и да се информираат за постапките и процедурите за вршење инспекциски надзор.
Инфо – средбата „Запознај го својот инспектор“ има за цел локалните инспекциски служби да се доближат до граѓаните, да се зајакне соработката и двонасочната комуникација меѓу нив, но и да се разберат заедничките проблеми и предизвици со кои се соочуваат.
Раководителот на одделението за инспекциски надзор, Бранко Велиновски пред присутните имаше свое обраќање, во кое на детален начин ја презентираше работата на локалните инспектори, нивните законски надлежности, обврски и права, како и организациската посртавеност во општината, нивната функција, нивните предизвици и околности во кои функционираат во локалната заедница.
Генералниот заклучок е дека на граѓаните им треба поддршка за да бидат информирани и добро упатени за постапките за пријавување на проблеми, кои пред се треба да бидат во насока на заштита на јавниот интерес.
Граѓаните, но и локалните инспектори, дадоа повеќе препораки за надминување на институционалните „лавиринти“ за подобри услуги и квалитет на живот.
Инфо-средбите се дел од проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, што го спроведува НВО Инфоцентар од Скопје, во партнерство со РЦС„Спектар“ од Крива Паланка и Центарот на заедницата на општина Струга, со поддршка од програмата Цивика Мобилитас.