Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на ЈП Македонија пат, Костадин Ацевски и градоначалникот на Општина Крива Паланка денес го промовираа успешно асфалтираниот пат во село Луке од м.в. Спасена до село Луке во должина од 4,4 километри.
-Како Влада посветено работиме во поддршка на руралниот развој вложувајќи во секое село на државата и како никогаш досега, инвестираме во развојот на македонскиот исток. По 40 години жителите на село Луке добиваат комплетно нов пат поврзувајќи го ова село со Крива Паланка во должина од 15 километри. Комплетно реконструиран е и патот кон село Огут во должина од 30 километри, а завршен е и патот од Ракнквце до Герман. Вкупната инвестиција на овие капитални проекти е околу три милиони евра, реализирани преку програмата на ЈПДП и Македонија пат. За нас зборот е збор и токму затоа горд сум на секој еден проект кој се работи овде во мојата Крива Паланка, на секој еден проект со кој го развиваме македонскиот исток, изјави Николовски.
Градоначалникот Митовски рече дека денес се финишира нешто што е ветено пред десетина месеци.
-Оттука ја започнав мојата изборна кампања, од црквата Св.Петка и тука го дадов мојот збор, дека овој патен правец ќе биде асфалтиран. Тука сум повторно денес, затоа што зборот е збор, и заедно со министерот Николовски и директорот на ЈП Македонија, Ацевски, го промовиравме завршениот проект што го ветив, асфалтирање на патот во село Луке.Потврда дека никогаш не остануваме само на зборови, туку делата говорат за нас.Поради тоа, задоволство е да сум токму тука, меѓу жителите на село Луке и гордо објавувам дека е финиширан уште еден капитален проект значаен за граѓаните на Крива Паланка, особено за жителите на с.Луке – целосно е обновен патниот правец од м.в. Спасена до село Луке во должина од 4,4 километри.Се реализираат заложбите и нашите иницијативи како локална самоуправа за подобрување на квалитетот на животот во секое населено место во Крива Паланка. Општина Крива Паланка продолжува со вложување во секој дел од општината, рече градоначалникот Митовски.
Јавното претпријатие за државни патишта со програмата за 2022 година го финансира овој значаен проект за подобрување на патна мрежа во Крива Паланка со 16.3 милиони денари.