По повод празникот на Крива Паланка, денот на ослободување на општината, 8 Октомври, денес пред споменикот на паднатите борци од НОБ, пред општинската зграда бројни делегации и организации, институции и пријатели на општината положија цвеќе, а со посебна вежба „егзирцир“ почест оддаде и Батаљонот за почести, единица гарда од Армијата на Република Северна Македонија.
-Гордо и со радост денес празнуваме 78 години слободна Крива Паланка. Слободарскиот дух на нашите предци, на сите што ја извојуваа слободата, го славиме и величаме како жив аманет што не обврзува и го носиме со светост. Го почитуваме и негуваме она што не одликува, непокорноста и одлучноста, храброста и желбата за подобро утре. Ја градиме нашата Крива Паланка како град чијшто развој е континуиран и забележлив. Градот се темели на надраснатите предизвици низ годините, постојаните вложувања во развој и просперитет, работата со посветеност на сите кои биле дел од општината за денес Крива Паланка да биде град со современа и урбана инфраструктура, со нови проекти кои се реализираат, вложувајќи во напредок и развој – за поубава општина за генерациите што доаѓаат, рече градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Активностите за одбележување на денот на ослободување на Крива Паланка, 8 Октомври, продолжуваат вечерва со свечена академија закажана за 17 часот, на која ќе бидат доделени признанието за посебни заслуги за развој и афирмација на Крива Паланка и наградата „8 Октомври“, за посебни заслуги во развој и унапредување на оптшината.