Нашиот паланчанец, г-дин Ненад Коцевски, кој живее и работи во Париз, Франција е добитник на највисоката општинска награда “8 Октомври” што се доделува по повод Денот на ослободување на општината.
Наградата е доделена за особени заслуги во афирмацијата на Крива Паланка, поддршка на спортот,културата, здруженија и поединци од неговиот роден град, како истакнат хуманист и добротвор, пример за кривопаланечката дијаспора.
Ненад Коцевски во изминатите години со неговите дела се наметна како постојан поддржувач на спортот, културата, уметноста и други општествени дејности во Крива Паланка.
Тој прави промени во концептот на видување на тоа што треба еден човек да поседува за да биде угледен и почитуван, а во нашиот случај тоа го постигна преку неговата иницијатива да ги поддржи успесите и работата на Кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“, стипендии за младите кошаркарски таленти од неговиот роден град, таа негова поддршка и ден денес трае, не само во кошаркарскиот клуб, а Коцевски прерасна во еден вид мецена на спортот и спортските клубови од градот: каратистите и кик-бокс играчите, спонзорираше финансии и во едниот и во другиот пинг-понг клуб од градот, и во ППК Крива Паланка и во ППК Крива Паланка 2007, во Карате клуб Шампион, помагајќи кога е најпотребно.
Тој е наш сограѓанин во дијаспората кој го препознава спортот како терен каде најдобро можат да се развиваат и напредуваат младите, прераснувајќи во здрави и успешни личности.
Коцевски не застана само на поле на спортот, тој досега поддржал и продолжува да поддржува бројни традиционални кутлурни манифестации и фестивали што се одржуваат во Крива Паланка, со што директно дава поддршка и на културата, за што најдобро знаат самите организатори, „Џојфест“ и останати настани, но и на фолклорни друштва ,индивидуи и семејства во социјален ризик кои се обратиле за помош, а тој несебично ги поддржа.
-Токму неговиот стил на работа, ненаметливоста во помагањето што го реалзиира постојано, но тивко и со добра намера, но и со голема скромност без да се популаризира, е повод да биде награден со желба таа негова иницијатива да ја следат уште многу други, рече градоначалникот, Сашко Митовски.
Коцевски се заблагодари за наградата и порача дека секој во рамки на своите можности треба да помага, особено во спортот.
– Вистинска чест ми е што денес ја примам оваа награда, иако мојата прва реакција кога ми кажаа дека сакаат да ме номинираат,беше-не, во никој случај. Роден сум и израснат во Крива Паланка, градот што многу го сакам. Не бев меѓу најдобрите ученици, па ако им кажев на тогашните наставници дека некогаш ќе ја добијам оваа награда, сигурно ќе ми се изнасмееја. Спортот отсекогаш ми бил важен, зашто претставува дисциплина, здравје и амбиција, а тие нешта се од суштинско значење како во секојдневниот живот така и во бизнисот. Поради тоа по завршување на факултетот,заминав во Франција, основа фирма и кога ги заработив првите пари веднаш почнав да помагам во спортот. Спортот,реков,е здравје и сите имаме потреба од него, дисциплина, без неа не се може, ниту во спортот ниту во животот, амбиција, да се развиваш и да бидеш подобар. Многу сум горд што гледам колку многу талентирани млади има во градот и кога сум сакал некого да поддржам, најголема награда е нивниот успех, рече Коцевски.
Упати благодарност до Ведран, Ирена и Мирослав и сите членови на кошаркарски клуб “Крива Паланка” за предлогот за наградата, а се заблагодари и на своето семејство и сите вработени во ГДР Компани.
Коцевски е роден во Крива Паланка,1978 година, во 2001 година дипломира на Факултет за физичка култура, Универзитет св.Кирил и Методиj, Скопје, а во 2002 година заминува од родниот град и држава во Париз, Франција, кадешто неколку години активно се знимава со фудбал.Во 2009 година ја основа Компанијата „ГДР“ со седиште во Париз, којашто и ден денес, веќе тринаесет години, успешно работи и брои над 60 вработени лица, од кои речиси 50%, 26 лица се кривопаланчани, со што Коцевски јасно покажува дека во ниту еден момент не ги заборава своите сограѓани, не ја заборава родната грутка и не престанува да придонесува за своите паланчани.