Драган Спасов – Дац, актер кој има остварено бројни и значајни улоги во театарски претстави, филмски и телевизиски проекти, е годинешниов лауреат на 14-то издание на „Интернационалениот театарски фестивал Свети Јоаким Осоговски 2022“ во Крива Паланка.
Признанието за особен придонес во македонската театарска уметност и култура му беше доделено денес, од страна на градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски, а за неговите уметнички достигнувања, зборуваа неговите почитувани колеги и пријатели, м-р Гоце Ристовски и познатиот актер Благоја Чоревски.
– Денес, во летописот на фестивалот, во културната ризница и историја на Крива Паланка, пишуваме уште едно златно име, Драган Спасов – Дац.
Добредојде почитуван Спасов во градот на Милица Стојанова, жива легенда на глумиштето од Вардар до Триглав. Добредојде во градот, во кој е роден еден од најзначајните македонски филмски режисери и исклучителен познавач на историјата на Византија, нашиот Кирил Ценевски, градот на сликарот Димитар Стојчевски со впечатлив придонес во современото македонско сликарство, градот на ликовниот уметник Робер Цветковски, првиот македонец кој имаше самостојна изложба во Кина, и кој сеуште ја афирмира македонската духовност и култура преку своите фасцинантни дела ширум светските меридијани. Градот во кој е роден Роберт Глигоров, еден од најзначајните визуелни уметници на 20-от и 21-от век во Европа и светот, автор на обвивките на музичките албуми на „Стинг“. Градот во кој, основното образование го завршил Никола Аслимовски најголемиот македонски пантомимичар, ученик и следбеник на големит Марчел Марсо, градот во кој се корените на музичарот Лазар Ристовски, градот на бројни значајни личности, кои својот живот го посветиле на образованието и науката, а своите докторки титули ги стекнале на најпознатите и најпризнатите европски универзитети, а тоа се: Борис Арсов социолог, универзитетски професор и член на АСНОМ и Академик Димитар Арсов.
Добредојде почитуван господин Драган Спас во Крива Паланка и чувствувај се како дома, оти ние веќе те имаме за свој, вака зборуваше кривопланчанецот, м-р Гоце Ристовски за својот пријател, годинешниов лауреат на Театарски Фестивал Свети Јоаким Осоговски, Драган Спасов – Дац.
Драган Спасов – Дац, е роден е во Скопје.Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Слободан Унковски. Од 1992 до 2016 г. работел како глумец во Драмски театар – Скопје. Познат е по бројните улоги во филмови, театарски претстави и телевизиски екранизации. Во 2016 г. преминал во ансамблот на Македонскиот народен театар.
Селективна театрографија : Шприцер (Грев или шрпицер), Кандид (Кинегонда во Карлаленд, 2011), (Облачна исповед), Амадеус (Амадеус), Четвртиот граѓанин (Смртта на Дантон), (Ало будење), (Не сега драга), (Чернодрински се враќа дома), Џанго (Грев или шприцер), Фердинанд (Бура), Тома Диафарус (Вообразен болен), Кловн (Кловнови), Кларин (Животот е сон), Фиљан Кишија Харем, Зганарел (Дон Жуан), Мирко (Маратонците го трчаат почесниот круг), Розенкранц (Розенкранц и Гилденстерн се мртви), Хлестаков (Ревизор), Бруно (Умри машки), Тимчо (Ни ќар ни зијан), Фигаро (Свадбата на Фигаро), Платонов (Платонов), Ферхад (Ферхад и Ширин), Кандид (Кандид во земјата на чудата), Симон (Диво месо), Македон змеј – Маседоан (Одисеја), (Кутрите мали хрчки), (Мачка на вжештен лимен покрив), Ангеле (Лет во место), Дони (Поручникот од Инишимор), Љубац Купидона, Судијата Тасе (Демонот од Дебармаало), Џука (Комшилук наопаку), Mr. White (Касапски кучиња).
Претстави во други театри: Денови на нашиот живот, Рекламна бајка, Подземна република, Ништо без Трифолио, Женидба, Оркестар Титаник, Кралот Кускуле, Силјан Штркот, Циркус Катастрофа, Окото на мајка, Спиро Пирчев Царо, Стјуардеси, позитивно мислење, Чија си.
ТВ серии: Бушава азбука, Македонија може, Салон Хармони, Обични луѓе
ТВ Драми: За трошка среќа, Североисточно од југозапад, Време за плачење
Радио емисии: Бамбини, Времеплов, Елита, Хихирику
Филмски улоги: Трето доба, Ѕвездите на 42 и Крик на немиот индијанец, До Балчак.
Награди и признанија: Награда за најдобар млад актер за улогата Ѓорѓе Пиже во претставата „Не сега драга, најдобро е попладне“ од списанието Екран.
Награда за најдобро театарско остварување за улогата на Џанго во претставата „Грев или шприцер“ на 28-от Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински Прилеп.
Награда за најдобро театарско остварување за улогата на Розенкранц во претставата „Розенкранц и Гилдерстерн се мртви“ на 30-от Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински Прилеп.
Награда за епизодна улога Димче Трајковскиза улогата на Тимчо во претставата „Ни ќар ни зијан“ на 31-от Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински Прилеп.
Награда Златна Маска на фестивалот Охридско лето за улогата на Амадеус во претставата „Амадеус“.
Награда за најдобро театарско остварување за улогата на Симон во претставата „Диво Месо“ на 36-от Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински Прилеп.
Награда за најдобар актер во 1994 и 1995 година во Драмски театар Скопје, 1997 година назначен за Генерален Конзул на првата детска амбасада во светот Меѓаши. Од 2007 до 2008 година е координатор на детското драмско студио во А1 Телевизија.