Комплетно уреден нов спортски терен во ООУ „Јоаким Крчовски“

Учениците од основното општинско училиште „Јоаким Крчовски“ од денес ќе можат да спортуваат на новоуредениот спортски терен со најсовремени стандарди. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес при посетата на училиштето истакна дека се инвестираме во младите, во здрави идни генерации.

За оваа инвестиција вложени се над 5.3 милиони денари, за современ и модерен, нов урбан лик на спортскиот терен зад училишната зграда.

За поставување тартан подлога вложени се над 3.7 милиони денари со ДДВ од сопствен буџет на училиштето и 1.6 милиони денари за оградата, од кои 474.000 се од USAID и 1.2 милиони денари од сопствен буџет на ООУ „Ј.Крчовски“.

Митовски упати честитки за успешното и домаќинско работење на директорот Дане Петровски, кој е вистински пример како се менаџира една институција за добробит на сите ученици и вработени.

– Во неговиот мандат училиштето доби колмплетно нов лик, и екстериер и ентериер, за современи и модерни услови во целото училиште, и за учениците и за наставниците, а од денес училиштето е збогатено со нов, модерен спортски терен уреден по највисоки стандарди, рече Митовски.

На теренот е вградена нова тартан подлога, нова атлетска патека, сектор за скок во далечина, опремени реквизити за настава и реализација на часови по: мал фудбал, ракомет, тенис, одбојка, атлетика.

Поставена и изградена е нова ограда за безбедност и заштита за која поголемиот дел средства се издвоени од сопствен буџет на ООУ „Ј.Крчовски“, а дел е доанција од УСАИД. Деновиве ќе бидат поставени и дополнителни спортски реквизити и опрема.

Петровски информира дека изминатиот период е инвестирано многу во опремени кабинети, нов кабинет по природни науки, во училниците се заменети подовите, столаријата, поставени се смарт табли во уличниците, набавени се наставни,нагледни-дидактички средства, обновена е фасадата, уредени се дворот со бекатон-плочи и поставена е тартан подлога на двата спортски терени. Реновирање е извршено и на тоалетите и холот.

Локалната самоуправа вложува во учениците, младите, образованието, квалитетна настава по спорт за здрави генерации.

Големина на фонт
Контраст