Во местото Голеш на тромеѓето помеѓу Р. Македонија, Р. Бугарија и Р. Србија на 12.07.2009 год. на големиот христијански празник Петровден, во организација на Општина Крива Паланка, Општина Босилиград и Општина Ќустендил се одржа шестата по ред, традиционална меѓународна средба „КРАИШТЕ 2009“.
На средбата на присутните им се обратија Градоначалникот на Крива Паланка, Г-дин Арсенчо Алексовски, Секретарот на Општина Ќустендил, Г-дин Борислав Крумов и Градоначалникот на Општина Босилиград, Г-дин Владимир Захариев.Во своето обраќање ја потенцираа важноста од оваа и други форми на меѓусебна соработка битни за развој на пограничниот регион.
Градоначалникот, Господин Арсенчо Алексовски се осврна на активностите на Општината во изминатиот период, кои беа насочени и интензивирани во правец на отворањето на граничните премини. Со големо задоволство Градоначалникот, Арсенчо Алексовски информира дека мешовитата меѓудржавна Комисија беше на терен, ги одбележа нултите точки и локацијата – местата на идните гранични премини и во најскоро време очекува овој проблем да биде надминат, а граничните премини реалност.
Од собирот вети дека во наредниот период во рамки на своите можности и надлежности, потребите на граѓаните од пограничниот регион ќе бидат негова обврска, обврска на Општината, да ја доизгради патната инфраструктура и да го отвори граничниот премин за да можат граѓаните слободно да комуницират и да се движат.
Како дел од меѓународната средба „КРАИШТЕ 2009“, а во знак на развиената културна соработка помеѓу Општините од Македонија, Бугарија и Србија, присутните имаа задоволство да проследат богата културно – уметничка програма. Културно уметничките друштва и фолклорни ансамбли од трите општини ја презентираа богатата традиција и култура на добрососедските земји низ сплетот на народните песни и ора кои секогаш биле и ќе бидат една од најважните врски меѓу блиските народи.