Потпишан меморандум за реализација на граѓански приоритети во Крива Паланка

– На јавна дебата одржана во големата сала на општината, Општина Крива Паланка и Регионален центар за соработка “Спектар” потпишаа меморандум за реализација на граѓански приоритети за периодот 2023-2025 година.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, ги прифати сите приоритети идентификувани од граѓаните што се во надлежност на општината и истакна дека тие се патоказ по кој треба да се движи развојниот план на локалната самоуправа.

-Особено ми е драго што овие приоритети се совпаѓаат со плановите и предвидените проекти на општината, што значи дека се движиме во вистинската насока и ја исполнуваме нашата задача да работиме во интерес на граѓаните. Некои предлози се особено корисни и ќе ги искористиме за да донесеме најсоодветни решенија за локалната заедница, посочи Митовски.

Приоритетите се однесуваат на четири области за кои се дискутираше на консултативните средби и тоа: јавни услуги, локален економски развој , локална демократија-добро управување и општествен и социјален развој на заедницата.

Во фокусот се: регулирање на сообраќајниот метеж и локалната патна инфраструктура, управување со отпад, комунални услуги, вработување, квалитет на општинските услуги, млади, жени и слично.

Меморандумот го потпишаа градоначалникот Сашко Митовски и претседателот на РЦС„Спектар“ Mетоди Цветковски, како дел од активностите на Коалицијата Форум за граѓански дијалог, предводен од НВО Инфоцентар, во која членуваат 9 граѓански организации од државата меѓу кои и Спектар. Форумот за граѓански дијалог е поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за прогресивни промени на локално ниво“.

Големина на фонт
Контраст