Најрадосни моменти за најмладите, Дедо на Мраз од хеликоптер пристигна во Крива Паланка

Со настапот на познатите млади музички ѕвезди од “Дајте музика”, кловнови , жонглери и Дедо од хеликоптер, денес на градскиот плоштад во Крива Паланка беше реализирана програмата за најмладите жители на општината во организација на локалната самоуправа.

Преполн плоштад дечиња, радосни и насмеани лица и еуфоријата што на еден несекојдневен начин кај нив пристигна најсаканиот дедо е глетката која го одбележа овој четврт ден од богатата културна програма за сите генерации во рамките на “Новогодишен базар 2022” во Крива Паланка.

– Остварена е целта на сите заложби да се организира и реализира една програма и концепт за сите генерации,а најголемо е задоволството да се видат радоста и среќата на детските лица и тоа е она што ме радува, како повратна енергија на сѐ она што го правиме од срце за моите сограѓани, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски.

Еуфоријата во предновогодишно руво владее на секој дел од градот,а особено во центарот на градот, кадешто се лоцирани и куќарките со разновидна понуда,од сувенири до храна и пијалаци.

Синоќа плоштадот беше преполн за време на настапите на “Артист бенд” и Влатко Лозаноски -Лозано, а вечерва “Кривопаланечки новогодишен базар” продолжува со настапите на “Брас брадрс ” и Некст тајм, а утре на пладне се заокружува со ѕвездите од “Распеано симитче” и Јован и Пајак.

Големина на фонт
Контраст