Поради ниско ниво на образование, социјална исклученост, дискриминација и ниски примања, голем број на лица немаат пристап до правна помош или пак пристапот им е значително отежнат. Неможноста да добијат правна помош преку која би ги оствариле своите права кои им припаѓаат согласно меѓународното и националното право, ги затвора овие лица, со што нивната ранливост, маргинализираност и висок социјален ризик само се зголемува. Остварувањето и заштитата на човековите права не може да се замисли без пристап до ефикасна и квалитетна правна помош.
За таа цел Општина Крива Паланка во соработка со Македонското здружението на млади правници во наредниот период ќе работи на обезбедување на квалитетна правна помош за никој да не остане без неа. Правната помош вклучува обезбедување правни информации и правни совети, а таму каде е потребно и застапување во судски и управни постапки. Правната помош здружението-МЗМП ќе ја дава преку својот тим од 24 правници од кои 13 со положен правосуден испит, а во наредниот период за граѓаните на општина Крива Паланка ќе има отворен ден. Датумот и времето ќе биде претходно објавен на општинската web страна.