Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес го потпиша договорот за отпочнување на проектот „Земја на легендите“ што ќе се реализира во партнерство со збратимениот Град Лесковац, Република Србија.
Ова е втор проект на Општина Крива Паланка заедно со Град Лесковац, што произлезе како идеја благодарение на успешната соработка со Лесковац, воспоставена со реализираниот проект „Да ги поврземе бисерите“.
Проектот се финансира од Програмата за прекугранична соработка Србија – Северна Македонија 2016-2020 година преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА II), распределби 2018, 2019 и 2020 година, Специфична цел 2.1 Мобилизирање на културните и природните ресурси за заеднички развој на одржливи туристички производи и дестинации.
Вкупната вредност на „Земја на легендите“ изнесува близу 200.000 евра од кои околу половина ќе бидат инвестирани за реализација на активности во Општина Крива Паланка.
Во делот на инвестициски активности се предвидени градежни работи во т.н. културно- историски локалитет Градец, локацијата кај училиштето во село Градец каде е предвидено партерно уредување, поставување урбана опрема, детско игралиште, објекти, тремови пристапни за лицата со попречености.
Неинвестициските активности предвидуваат изработка на рекламни матријали, промотивни настани и средби помеѓу претставници на засегнати страни од областа на туризмот во прекуграничниот регион, со цел ставање во функција на развој на туризмот на богатото културно наследство и народно творештво: легенди митови и преданија.
Со реализацијата на проектот се очекува да се подобрени квалитетот и видливоста на туристичките понуди во прекуграничниот регион.