Потпишани нови два проекти вредни над 10 милиони денари

Градоначалникот на Општина Крива Паланка потпиша два нови договори  за проекти во вредност од 10.185.633 денари за: изградба и реконструкција на фекална и атмосферска канализација во населба Баглак и изработка на техничка документација за продолжение на главен фекален колектор до пречистителна станица и проект за пречистителна станица за отпадни води.

Со двата договори од Министерството за животна средина и просторно планирање се доделени 7.500.000 денари, а Општина Крива Паланка ќе вложи сопствени буџетски средства во износ од 2.685.633 денари.

Со овие проекти се решаваат круцијални проблеми на граѓаните и се инвестира во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Општина Крива Паланка работи на создавање предуслови за нови поголеми, капитални инвестиции за урбана, европска општина.

Проект: Изградба и реконструкција на делови од атмосверска и фекална канализација во населба баглак

Со изградба  на фекалната канализација,  се решава еден долгогодишен  горлив проблем за граѓаните од тој дел на градот.

Постоечката фекална канализација по оваа улица е несодветно и непрописно  изведена бидејќи поминува по скалеста пешачка патека која се наоѓа меѓу куќите  и се поврзува на т.н. десен колектор. Поради непрописно изведена канализациона мрежа отпадните води при најмал дефект на мрежата би се сливале во дворовите на куќите и по улицата Македонска и ул.Херој Карпош. За да се надмине овој проблем потребно е да се направи изградба и  реконструкција на фекалниот канализационен колектор од дел од ул. Македонска , попречно-надолу кон ул. Херој Карпош во должина од околу 200м односно по самата улица  согласно стандардите и прописите за изведба на таков тип на објекти  а со тоа ќе се придонесе кон намалување на загадувањето на животната средина и ќе се подобри квалитетот на живеење. Исто така по ул. Херој Карпош нема изведена атмосферска канализација  освен што има армирано бетонски канал со решетка при крајот на улицата кој е поврзан со ревизиона шахта од колекторот со кој се одводнува магистралниот пат А2. За време на поројни дождови настанува поплавување на куќите што се на оваа улица, особено оние на нејзиниот краен дел близу мостот. Со изградба и реконструкција на атмосферската канализација  со сите стандарди и прописи од крајот на ул. Македонска , попречно надолу кон ул. Херој Карпош во должина од 200м, атмосферската вода ќе се спроведе во некоја од постоечките атмосферски шахти и со тоа ќе се реши проблемот со  одводнување.

Проект:Изработка на техничка документација за продолжение на главен фекален колектор до пречистителна станица за отпадни води во општина Крива Паланка.

 Проектната област опфатена со проектот ,,Изработка на техничка документација за продолжение на главен фекален колектор до пречистителна станица за отпадни води,,  е градското подрачје на Крива Паланка и селата во правец кон запад како што се Конопница, Тлминци, Мождивњак и Длабочица со предпоставена должина на колекторот од околу 8 км кој започнува во градското подрачје во продолжеток на постоечки колектор и оди по течението на Крива Река од левата страна се до местото на предвидена пречистителна станица  во реонот на с. Длабочица, каде во оваа фаза би се направил и проект за пречистителна станица  со кој би се овозможило  предтретман  на отпадните води. На одредена стационажа во овој лев колектор треба да се предвиди и премин на десниот колектор преку Крива Река и негово поврзување со левиот колектор.

Моменталната ситуација е таква да сите отпадни води од градот директно и без никаков третман се испуштаат директно во Крива Река од постоечки лев и постоечки десен колектор кај мостот во населба Бегови Бавчи на излез од градот.

Со изградбата на колекторот и третманот на отпадните води би се придонело значително во зачувување на чиста животна средина и би се овозможила понатамошна изградба на секундарни мрежи за деловите од градот и селата долж течението на Крива Река, што ќе има поволни ефекти врз квалитетот на животот на населението како  и врз развој на стопанството и индустријата.

Големина на фонт
Контраст