Амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо во официјална посета на Општина Крива Паланка

Амбасадорот на НР Кина, неговата екселенција, Џанг Ѕуо, денес оствари официјална посета на Општина Крива Паланка.

Повод за средбата со градоначалникот, Сашко Митовски, е најновата донација во износ од 365.000 денари од Амбасадата на НР Кина во Северна Македонија со која се обезбедени 105 корпи за отпадоци во општината.

На средбата градоначалникот ја истакна долгогодишната соработка и поддршка од Амбасадата на НР Кина за општината, упатувајќи благодарност за донацијата која ги надополнува севкупните заложби за одржување чиста и зелена Крива Паланка.

-Чест и задоволство ми е што сте денес мои гости и гости на Општина Крива Паланка, што како градоначалник можам од име на сите граѓани на општината да упатам благодарност за поддршката што ја добиваме во континуитет. Оваа соработка и поддршка што трае една деценија, придонесува за подобрување на квалитетот на животот на локалната заедница и населението, почнувајќи од донацијата на минибусот што сѐуште се користи и допринесува за реализација на потребите на сите граѓани на општината,

преку детското урбано катче со реквизити за игра и забава на најмладите жители на општината, кое беше изградено токму со донацијата обезбедена од страна на Амбасадата на Кина пред неполни две години и е прво од ваков вид во Крива Паланка,

до последната донација на корпите за отпадоци во вредност од околу 350.000 денари со која се набавени 105 корпи, распоредени во кејот на Крива Река, покрај патот кон манастирот Св Јоаким Осоговски и долж оваа, пешачко -рекреативна патека во Бабин Дол.

Со оваа донација и програмата за поддршка на вашата амбасада, помагате во реализацијата на нашите планови и програми за развој на локалната заедница, меѓу кои и еден од врвните приоритети, чиста и зелена Крива Паланка, сочувување на природните ресурси што ги има во изобилство нашиот град, одржување чиста околина и еколошки здрава средина, истакна градоначалникот Митовски во обраќањето на настанот.

Корпите се поставени долж главната улица св.Јоаким Осоговски, покрај магистралниот пат А2, во центарот на градот и плоштадот, во кејот на Крива Река, на патеките кон манастирот Св Јоаким Осоговски, кон излетничките места.

Дополнително, од сопствени буџетски средства општината набави уште 90 корпи за отпадоци во вредност од 298.000 денари.

Соработката на Општина Крива Паланка и Амбасадата на НР Кина продолжува во насока на поддршка на локалната заедница и животот на граѓаните.

Големина на фонт
Контраст