Отворена изложбата на дела од 37- на Меѓународна ликовна колонија “св.Јоаким Осоговски”

Со изложбата на дела создадени на годинашната, 37-ма Меѓународна ликовна колонија “св.Јоаким Осоговски” што синоќа официјално беше отворена во галеријата на манастирот, беше заокружена уште една успешна манифестација, културен бренд на Општина Крива Паланка и државата.

Изложбата содржи 24 дела од 13- те учесници од Швајцарија, Турција, Словенија, Полска, Бугарија и Северна Македонија што ќе останат трајна уметничка вредност на колонијата.

Годинашната колонија траеше во периодот од 20 до 27 јуни и како и во времето на одржување придонесе за нови креативни идеи и творештво облагородено од прекрасната природа и духовноста на манастирот.

Претседателот на здружението Меѓународна ликовна колонија, “св.Јоаким Осоговски”, Стевче Ристовски, се заблагодари за поддршката од надлежните институции,  Министерството за култура на Северна Македонија, што колонијата ја вбројува во годишната програма од национален интерес, Општина Крива Паланка, со интегрирање на манифестацијата и изложбата во програмата на “Кривопаланечко културно лето 2023”  и МПЦ -ОА, Кумановско Осоговска епархија.

-Оваа реномирана повеќедецениска манифестација за време на одржувањето ги промовира општината и македонската уметност и култура, размената на културите е сеприсутна, па освен што секој уметник остава белег и печат на културата од земјата од која потекнува, сепак, оттука ги понесува впечатоците и ја дисперзира и нашата, македонска култура и традиција, рече Ристовски.

Колонијата , посочи, истовремено придонесува и за културен туризам и наша промоција во меѓународни рамки, а само оваа година, рече, сведоци сме на повеќе организирани туристички групи што беа во посета на манастирот и колонијата и тоа, од Австралија, Хрватска, Бугарија и Словенија.

Изложбата во текот на 2023 ќе биде поставена и во повеќе градови низ државата.

 

Големина на фонт
Контраст