– На сцената на центарот за култура Крива Паланка на 5 јули одекнаа звуците на тамбури, мандолини и староградски мелос од државата и соседството на Меѓународниот фестивал “Вечер на Осоговски песни”.
Фестивалот е во организација на НУЦК, дел од програмата на годинашното “Кривопаланечко културно лето” на Општина Крива Паланка, поддржано од Министерството за култура.
Пред кривопаланечката публика настапија: пејачка група “8 Октомври”, “Табиет”, Свети Николе, “Ѓурѓа”, Делчево, “Распеани Паланчани”, Крива Паланка, “Распеани Гевгеличани”, Гевгелија и вокално- инструментален состав “Елеганс”, Ќустендил, Република Бугарија.
Граѓаните имаа можност да се потсетат на старата калдрма, на звуците на веселите народни пејачи под чардаците, мелосот и традицијата на градовите и староградските приказни раскажани преку песни и звуци од пејачките групи и вокални состави од градот, државата и соседството.
Поради лоши временски услови настанот се одржа во Центарот за култура, а истиот беше планирано да се одржи на отворено, на летната сцена во градскиот парк.