“Осоговска староградска вечер” на “Кривопаланечко културно лето 2023”

Двочасовна програма исполнета со звуците на староградска песна, музика и вокални изведби на составите од Штип, Крива Паланка и Шумен, Бугарија понуди годинашната “Осоговска староградска вечер” што се одржа синоќа на летната сцена во градскиот парк во Крива Паланка.

Со настанот беше заокружена првата недела од програмата на “Кривопаланечко културно лето” за месец јули, што ќе продолжи со летни кино – проекции и музички концерти веќе од вторник, 11 јули.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека со посебно задоволство уживал во звуците на староградската музика од градот.

– Задоволство е да се слушаат изведбите на “Распеани паланчани” кои горди на традицијата од староградското живеење повеќе од една деценија работат и ја оживуваат таа песна што го одбележува градското живеење на паланечкиот крај. Особено радува фактот што во изминативе неколку години интерес за членување во друштвото имаат и помладите. Подеднакво убава е и традиционалната музика од чаршијата на нашата држава и соседството што вечерва за нашите сограѓани ја понуди “Осоговска староградска вечер 2023”, рече Митовски.

Покрај домаќинот – организатор, “Распеани паланчани”, настапија и “Градски хор Штип 2019” и “Мала серенада” од Шумен, Бугарија.

“Кривопаланечко културно лето 2023” е во организација на Општина Крива Паланка и институциите од областа на културата од општината, како и здруженијата од културата, со поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија.

На програмата за јули пред кривопаланечката публика се џез,рок концерти, настапи на состави за изведба на класична музика, летни кино проекции, фолклор и традиционални манифестации како “Краиште 2023” што на 12 јули ќе се одржи на тромеѓето помеѓу Северна Македонија, Бугарија и Србија, во организација на трите погранични општини: Крива Паланка, Ќустендил и Босилеград, на месноста Голеш

Големина на фонт
Контраст