Ќе се изврши реконструкција на ул.”Гоце Делчев” и крак во Дреначка маала за подобро сообраќајно поврзување на нас.”Единство”

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денес во Министерството за транспорт и врски го потпиша договорот за реконструкција на улица Гоце Делчев со крак кон Дреначка маала.

Проектот е во рамки на програмата за поддршка на имплементација на Декадата и Стратегијата на Ромите од Министерството за транспорт и врски во 2023 година и со истиот се предвидени: реконструкција и рехабилитација на улицата „Гоце Делчев“ со крак кон Дреначка маала со вкупна должина од 472 метри.

Делот на улицата Гоце Делчев која се рехабилитира е со должина од 80.5 метри и ширина од 8.0 метри, додека кракот кон Дреначка маала за кој се изработува реконструкција е со должина од 392.31метри. Постоечката улица е асфалтирана со забележани видливи оштетувања на коловозот по целата должина и од тие причини е потребна целосна реконструкција. Широчината на кракот кон Дреначка маала е променлива, но воглавно е околу 3.5 метри.

Вкупна вредност на инвестицијата е во висина од 5.191.882 денари, од кои со договорот од Министерството за транспорт и врски за овој проект се обезбедени 1.135.198, а останатите средства, 4.056.684 преку кофинансирање ќе се обезбедат од буџетот на Општина Крива Паланка.

Со реализација на овој проект се обезбедува поголема урбанизација на населбата Единство која доминантно е населена со Ромско население и истата се наоѓа во непосредна близина на централното градско подрачје на Општина Крива Паланка. Проектот подразбира реконструкција на улица Гоце Делчев со крак кон Дреначка Маала, со што ќе се овозможи комплетирање на сообраќајното поврзување на населбата Единство која е доминантно населена со Ромско население, околу 95% од вкупното Ромско население во Општина Крива Паланка живее токму во оваа населба.

На тој начин ќе се обезбеди подобра мобилност и со самото тоа поголема интеграција на Ромското население во општествените текови и урбана мобилност заедно со целокупното населние во градот.

Покрај останатите инвестиции кои општината веќе ги реализира во населбата, изградба на детски игралишта, уредување на улици, јавни површини и друго , со реализацијата на овој проект ќе се постигне и поголема урамнотеженост на инвестициите и урбанизацијата на населбата Единство со другите делови од градот, а со тоа и унапредување на положбата на Ромското население во општината.

Големина на фонт
Контраст