Крива Паланка доби Дневен центар за престој на стари лица со активно стареење

Општина Крива Паланка на 28 август официјално доби модерен дневен центар што ќе одговори на потребите на граѓаните од највозрасната категорија и нивно активно стареење.

Проектот е вреден 5.7 милиони денари, обезбедени преку проектот за подобрување на социјални услуги на МТСП, дел кофинансира и општината.

На отворањето присуствуваше и Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

-Грижата за пензионерите и нашите највозрасни граѓани е многу поширока од само еден сегмент. Подигањето на животниот стандард на пензионерите и создавање можност за поквалитетен живот е можно само доколку се создаваат повеќе можности во различни сфери на општественото живеење. Како МТСП сме подеднакво посветени на сите сегменти и наша цел е да создадеме рамка за поголема социјализација, активен живот и што поголемо вкчучување на оваа категорија граѓани во општеството, рече денес Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска на  официјалното  врачување на дозволата за социјална услуга-  Дневен центар за престој на стари лица со активно стареење во Крива Паланка.

-Од денес пензионерите од Крива Паланка ќе имаат можност за поголема социјализација и активности во текот на денот преку овој центар, а досегашното искуство покажува дека овие центри се вистински одговор на потребите на граѓаните и дека оваа социјална услуга се користи мнгоу и дава одлични резултати. Преку креирање социјални политики водиме грижа за креирање повеќе можности за пензионерите,  меѓу другото, потврда е и фактот што социјалната реформа покрај дневни центри, тука е и помош и нега во домот, наменета токму за лицата над 65 години. Затоа ги повикувам пензионерите да ја користат оваа услуга, а ние како Влада ќе продолжиме да работиме на создавање нови можности, да ги следиме ефектите и да ги подобриме социјалните услуги, кои се проширени и се имплементираат во 44 општини. Достапни се услугите и во најоддалечни места, а оваа услуга овде се воспоставува благодарение на визијата на општината и Црвениот крст што ја имаат за своите највозрасни сограѓани, рече Тренчевска.

Градоначалникот, Сашко Митовски, рече дека Општина Крива Паланка е пример за работењето во областа на социјалата, една е од првите општини со формиран  Локален совет за социјална заштита  и усвоен социјален план за период 2021/2024- кој ги лоцира, мапира и тековно работи на решавање на проблемите од социјалната сфера на сите категории социјално загрозени граѓани.

-Отворањето на дневниот центар  значи  подобри и поквалитетни социјални услуги, збогатен и зголемен видот на услуги за највозрасната категорија граѓани. Црвениот крст како даватал на услуги дава исклучителен допринос и е наш партнер во  гржата за возрасните, подеднакво како и за останатите категории лица.. Акцентот на грижа за возрасните е нешто по што исто така предничи нашата општината, пример за тоа е што веќе трета година активно работи Нега Центар во ОО Црвен Крст, отворен во рамки на проектот „Одговорни институции-среќни граѓани“, што Општина Крива Паланка и Црвен крст го реализираа со финансиска поддршка од 11 милиони денари од Министерството за труд и социјална политика. Нега центарот има 20 лиценцирани негуватели кои пружаат услуги на над 80 корисници од општината, а во фаза на лиценцирање се уште 15 негуватели што веќе ја поминаа обуката и ќе го надополнат кадарот што ќе работи за грижа на возрасните, рече Митовски.

Општина Крива Паланка изготви  и проект за изградба на Дом за стари лица,  постојано сме во корелација со плановите на Министерството за труд и социјална политика и истиот  веќе ставен во програмата на министерството.

Секретарот на ОО Црвен крст, Крива Паланка, Дарко Пешовски, од име на органзиацијата-давател на услугите, рече дека стареењето е привилегија што многумина не ја имаат.

– Оваа мисла ја менува перспективата,  а Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење – го менува животот. Во име на сегашните и многу идни генерации кои ќе минуваат пријатни часови овде,  благодариме на сите за придонесот да ги  разубават  моментите на дружење, заедништво  и спокој на нашите највозрасни жители. Како организација на Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Крива Паланка, го подигнавме нивото на одговорност, а  Општина Крива Паланка покажа зрелост и грижа за сите, рече Пешовски.

Големина на фонт
Контраст