Започнаа градежните работи за регулација на Домачки Дол, во тек се повеќе инфраструктурни проекти во Крива Паланка

Во Општина Крива Паланка отпочнаа градежните активности од проектот за регулација на порој Домачки Дол каде се инвестираат 7 милиони денари за изградба и регулирање на долот и се решава еден долгогодишен проблем на жителите од овој реон на градот.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со стручните служби остварија увид во активностите на терен.

– Со обезбедени 4.000.000 денари од Министерството за животна средина и просторно планирање и 3.000.000 денари кофинансирање од буџетот на општината ќе се изврши регулација на долот, а истовремено се решава уште еден проблем на жителите со кој долго време се соочуваат, а тоа е  изместување на линијата на електро-дистибутивната мрежа, во соработка со ЕВН.

Со тоа, ќе се реши проблемот во напојување со електрична енергија на домаќинствата, рече градоначалникот Митовски.

Во тек се повеќе инфраструктурни проекти во општината, во завршна фаза е изградбата на нов, мултифункционален, спортски терен во селото Мождивњак, вреден 7 милиони денари, средства обезбедени од Агенцијата за млади и спорт.

-Вложуваме за развој на младите, за унапредување на талентите и нови спортски достигнувања за заедничка радост. Но вложуваме и во патна инфраструктура, жителите од населба “Илинден” добиваат шест новоасфалтирани улици, инвестираме 15 милиони денари од Министерството за транспорт и врски за: ул.”Наско Тамбурков”, ” 3-та Македонска бригада”, “Ѓорче Петров “, “Димитар Влахов “, “Чупино Брдо” и ул. “17 Македонска ударна бригада” со што ќе се комплетира проектот кој носи нов лик на населбата Илинден.На овие улици веќе е извршена замена на водоводната мрежа и поставени се нови полиетиленски цевки, додаде Митовски.

Во населбата Баглак се градат атмосферска и фекална канализација, проект вреден 3.400.000 денари од Министерство за животна средина, а на улицата “Македонска” ќе се постави нов асфалтен слој, проект во износ од 4.000.000 денари обезбедени преку Биро за регионален развој.

Големина на фонт
Контраст