Крива Паланка доби апарат за биохемиски анализи

Апарат за електролити вчера му беше подарен на Здравствениот дом во Крива Паланка од скопската фирма „Адриамед“. Со овој апарат се комплетира потребната апаратура за биохемиски анализи во кривопаланечката лабораторија, која само до пред неколку месеци ја немаше ниту основната опрема за неопходните испитувања. „Адриамед“ пред 6 месеци обезбеди најсовремен автоматски биохемиски анализатор, во вредност од околу 15.000 евра, а новата донација изнесува 240.000 денари.

– Со апаратот за електролити, кој овозможува испитување на натриум, калиум, калциум и хлор во крвта, се заокружува процесот во клиничката биохемија, со што се овозможуваат потребните анализи. Се добиваат многу точни и прецизни резултати кои овозможуваат брза и лесна дијагностика. Продолжуваме со соработката и подршката на Здравствениот дом од Крива Паланка и планираме да набавиме и апаратура за имунологија, кога за тоа ќе се создадат потребните услови – истакна Коле Пејков од „Адриамед“.

Директорот на Здравствениот дом, Раде Маџовски, вели дека со донираната апаратура Крива Паланка добива најсовремена лабораторија во североисточна Македонија.

– Досега работевме со 20 години стара, дотраена и неупотреблива опрема, која повеќе не можеше да се сервисира. Во еден период дури останавме без опрема и бевме принудени нашите пациенти да ги праќаме на испитувања во другите центри од државата – вели Маџовски.

„Адриамед“ донира и дијабет-апарати за кабинетот за дијабетес.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст