Граѓаните повторно го креираат општинскиот буџет-Прва сесија од буџетскиот форум

Во организација на локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, денес се одржа првата буџетска форумска сесија, од процесот за подготовка на родово одговорен Буџетот на општина Крива Паланка за следната 2024 година.

Учесниците на форумот-граѓани, советници, раководители од општинската администрација, претставници на младите и невладиниот сектор, претставници на месните заедници, најпрвин беа запознати со реализацијата на Буџетот на Општина Крива Паланка заклучно со 30.09.2023 г. како и со предлозите произлезени од граѓаните на претходниот форумски процес, кои беа вклучени во програмите на општината за 2023 г.

Буџетскиот форум го отвори и го поздрави и градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој истакна дека ова е веќе редовна пракса на општина Крива Паланка во насока на нејзината транспарентност и отчетност, со која се отпочнува процес во кој сите, заедно, ќе ги дефинираме приоритетите и проектите, кои што треба да донесат поубаво утре за Крива Паланка.

Во рамки на првата сесија од форумот, присутните имаа можност директно да се запознаат со реализираните проекти, со сработеното за измининатите две години – период на секојдневна, деноноќна, макотрпна и посветена работа за развојот на општината, унапредување и подобрување на условите за живот на секој еден жител на нашиот град, за подобро утре на генерациите што доаѓаат.

Во интерес на севкупната јавност и присутните на форумот, како и во насока на пореална и симплифицирана слика за општинскиот Буџет, градоначалникот Митовски ги изнесе сите битни сегменти од финасискиот капацитет на Општината и воедно направи резиме на своето двегодишно менаџирање со Општината.

– Спроведувањето на Буџетскиот форум ни пружа можност на директен начин да ги слушнеме вашите препораки и сугестии за тоа како и со кои приоритети да го искреираме буџетот за наредната 2024 година, изјави Митовски пред присутните и додаде: „За Ваша пореална и поедноставена слика за општинскиот Буџет, во оваа прилика ќе изнесам некои побитни факти, а тоа е следново:
Вкупниот основен буџет на општината е околу 113 милиони денари и ако земе во предвид дека Општината сервисира две тековни обврски по основ на преходни задолжувања (рати за кредит), од кои едната е од 2012 година, а втората е од 2020 г. и дополнително, Општината е влезена во процес на јавно приватно парнерство за уличното осветлување, значи дека, Општината има три сериозни финасиски обврски, кои мораме годишно да ги сервисираме. А сите тие го зафаќаат вкупниот буџет, со износ од околу 30 милиони денари или 1/3 од буџетот е резервиран за овие обврски, а понатаму следуваат и други тековно оперативните расходи и трошоци, како и платите на општинската администрација. Тогаш мора да знаеме дека, се што направивме во послените 24 месеци беше макотрпна работа и целосно вложување на општинската администрација, на Советот, на директорите на локалните институции и Јавни претпријатија.

Сите заедно работевме и максимално ги искористивме сите можности што ги имавме на располагање и тоа е најсериозната и значајна разлика што општина Крива Паланка ја има во однос на сите други општини во државата.

Многу други Општини кои располагаат со многу поголеми буџети и многу поголеми можности за развој, не се на ниво на кое сега се наоѓа нашата Општина, која направи сериозен исчекор и стана град кој е препознатлив во многу сегменти, во регионот, во државата и пошироко во меѓународни рамки. За ова ни сведочат и директно ни укажуваат сите наши гости и посетители.

Еден од врвените приоритети на секоја Општинска власт е да креира и да донесе Буџет, кој ќе биде по мерка на граѓаните. И на мое огромно задоволство, ние како локална власт го правивме токму тоа и реализиравме вкупно 71% од Вашите сугестии и предлози, кои минатата година ги внесовме во оперативните општински програми.

Сакам само да знаете дека процентот, кој остана за нереализирани проекти, се должи на природните неприлики, кои ја зафатија Општината во месец јуни. Моравме да ги санираме големите штети од невремето и поплавите кои ни се случија, и за таа намена да одвоиме и пренамениме значителни финасиски срдства кои беа планирани на реализација на проекти и активности согласно форумскиот процес“- изјави градоначалникот Митовски во делот на неговото обраќање.

На крајот на своето обраќање градоначалникот Митовски ги поздрави и им се завѓблагодари на граѓаните за учеството на форумот и рече дека, како и досега очекува рационални одлуки и проекти.

„Ова е период на носење заеднички одлуки, обезбедување поддршка за идеите и решенијата коишто ги предлагаме за новите предизвици, период на креирање на новиот буџет согласно потребите на граѓаните и можностите на општината“, изјави на крајот градоначалникот Митовски.

Оваа форма на учество на граѓаните во креирањето на буџетот се практикува повеќе години во Општина Крива Паланка и досега преку неа се реализирани значајни инфрастурктурни и комунални проекти.

Втората форумска сесија ќе се одржи на 17-ти ноември.

Големина на фонт
Контраст