Пуштен во употреба нов мултифункционален спортски терен во с. Мождивњак

Градоначалникот Сашко Митовски заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, официјално го пуштијa во употреба новиот мултифункционален спортски терен во с. Мождивњак, мв. Дубје.

„Ова е мултифункционален терен каде ќе спортуваат сите генерации и заедно и каде сите заедно ќе се радуваме на нoвите таленти, кои добиваат современи и модерни услови за спорт и рекреација.

Вложени се 7 милиони денари, инвестиција обезбедена од АМС, што ја надополнува листата проекти со кои континуирано вложуваме во:  спортска инфраструктура, развој на младите и унапредување на талентите“, изјави Миотвки пред присутните.

Градоначалникот нагласи дека Крива Паланка е општина пријател на спортот. Потенцираше дека само оваа година се реализирани два проекти за спорт со поддршка од АМС, фитнес зона на отворено и ова повеќенаменско игралиште, два проекти во кои се инвестирани 10 милиони денари, покрај останатите вложувања во спорт и поддршка на спортски работници од Крива Паланка, што директно се реализираат од општинскиот буџет.

-Мождивњак заслужува ваков терен и моите заложби беа токму тука да се реализира овој проект, зашто оттука потекнуваат и фудбалски таленти, тука  сѐуште живее маалската дружба и малиот фудбал, а покрај во спорт, тука реализиравме повеќе инфраструктурни проекти во изминатите две години и следуваат инвестиции во рехабилитација на патот од клучката со магистралниот пат и во нова водоводна мрежа за решавање на проблемот со недостиг од вода за пиење во летниот период, рече Митовски.

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски истакна дека и овој проект е еднакво вреден како и големите капитални проекти, како експресниот пат Ранковце – Крива Паланка во вредност од 100.000.000 евра и потенцираше дека се вложува во целиот источен регион на државата.

„Во Мождивњак се вложува и во останати значајни проекти, со сите програми на Владата во нашиот фокус е развој и унапредување на секое населено место, а особено во овој Североисточен регион што беше неправедно запоставен. И на следната седница на Владата очекувам повторно нови проекти, одобрени средства за Крива Паланка, зашто и градоначалникот и администрацијата секогаш имаат уредно подготвени проекти и апликации. Им честитам на жителите на Мождивњак за новиот терен и посакувам постојано да биде исполнет со млади, овде да се организираат многу настани на кои ќе присуствувавме заедно“, рече Николовски.

На теренот ревијален натпревар одиграа младите фудбалери од ФК „Академија Осогово”, Крива Паланка.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски изјави дека Агенцијата  прави сѐ што е во нејзина моќ и  дава исклучителни напори да овозможи младите да спортуваат непречено, да се развиваат нивните таленти и знаејќи дека имаат потенцијал, продолжуваат да вложуваат во проекти за подобрување на условите за спорт и рекреација.

 

Големина на фонт
Контраст