Градоначалникот на Општина Крива Паланка и претседателката на Советот, Изабела Павловска, го посетија првото бебе родено годинава и за малиот Матеј Славевски доставија симболични подароци од општината.
На Бадник го посетија првото бебе родено во Крива Паланка годинава, втора рожба во семејството Славевски. Со пригодни подароци им честитаа на среќните родители, Драган и Елена, посакувајќи здравје, среќа и долговечност на двете дечиња во семејството, а за целата фамилија многу здравје и убавини.
Матеј Славевски се роди на трети јануари, како второ дете во семејството што го има две години постариот син, Зафир.
Инаку, од оваа календарска и буџетска година за секое новороденче од Крива Паланка, зголемена е и сумата за еднократна парична поддршка, од 3.000 на 5.000 денари.
Општина Крива Паланка од 2023 воведе повеќе мерки за поддршка на различни категории лица,меѓу кои еднократна парична помош за секое новороденче од општината, субвенции за набавка на количка за новороденче и повеќе мерки за млади и социјално ранливи категории.