Празнично и со масовно присуство на граѓаните одбележан празникот “Богојавление, Водици 2024” 

Во духот на христијанските чествувања, со вкусна Богојавленска софра, македонска музика, стотици граѓани од Крива Паланка и бројни посетители од останатите општини од државата, на градскиот плоштад во Крива Паланка го прославија големиот христијански празник, “Водици, Богојавление 2024”.

Чествувањето на овој голем христијански празник започна со свечена Богојавленска литургија, верниците од осум часот  присуствуваа на светата литургија во соборниот храм Св. Великомаченик Димитриј, по што се упатија кон мостот и кејот на Крива Река, каде свештенослужителите од Кумановско -Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво ги осветија водите на реката.

По овој чин чесниот крст беше положен во водите, а најсреќен меѓу пријавените што успеа да го извлече богојавленскиот крст беше Наум Поцев за што доби подарок и од Општина Крива Паланка, телевизор, како и вредносен ваучер од Зегин, 12.000 денари.

По завршување на овој чин на градскиот плоштад во Крива Паланка се одржа манифестацијата “Богојавление, Водици 2024” со “Богојавленска софра” од натпреварувачки карактер, богата трпеза за дегустација од страна на присутните и музичка програма.

Настанот го организираа општината и институциите од областа на културата од градот, заедно со Македонска асоцијација на готвачи и шефови на кујни „Гастромак“.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги поздрави присутните, посака здравје , бериќет и благосостојба на сите.

-Оваа година нека биде година на победи и успеси за сите нас. Многу здравје, среќа, бериќет и на среќникот што го извлече крстот од Крива Река. Годинава реализираме една поинаква организација и концепт на овој празничен настан, поразличен во споредба со претходните години. На овој начин го збогативме празнувањето за да го омасовиме, а бидејќи гледам преполн плоштад денес, вашето присуство говори дека ја постигнавме целта. Радува фактот што имаме натпреварувачи од различни возрасти, од повеќе региони на државата, така што верувам, веќе поставивме добра основа за еден настан што во иднина ќе биде традиција со голема посетеност, рече Митовски.

Жири комисијата од “Гастромак” ги оценуваше приготвените специјалитети и додели три главни награди: прва награда за најдобра “Богојавленска софра” освоија членките на Дневен центар за стари лица со активно стареење, Црвен Крст, Крива Паланка, втора награда, Здружение на пензионери Неготино , трето место за најдобра софра, Верица Ценева од Радовиш.

За најубава е прогласена софрата на Здружение на пензионери Крива Паланка, највкусна софра приготви Здружение на пензионери Куманово, најдобро аранжирана трпеза имаше Здружението “Жаклин Арт”, Општина Ѓорче Петров. Најавтентична македонска софра – Здружение на пензионери Ранковце, а најубави македонски ракотворби прикажаа двата пријавени учесника во оваа категорија, “Жаклин Арт” и пензионерите од Неготино.

Средношколците од угостителската струка од СОУ “Ѓорче Петров “, Крива Паланка со менторот Дане Петровски беа прогласени за талентирани млади готвачи, а по завршување на натпреварувачкиот дел, присутните ги дегустираа традиционалните деликатеси и главниот празничен специјалитет, пифтии.

Она што од неодамна општината го воведе при организирање настани од масовен карактер, е хуманата мисија, па денес на плоштадот во огромен котел се вареше гравче за продажба, заедно со пифтии, по симболична цена од 50 денари. Средствата се наменети за матурантите од градот од социјално ранливи категории.

Големина на фонт
Контраст