Од излевањето и надојдените води на Крива и Дурачка Река нанесени се големи оштетувања на инфраструктурата и инсталацијата во градот. Оштетни се повеќе електрични и телефонски столбови, има срушрни дрвја, поткопани потпорни ѕидови, срушени дрвени мостови и поплавени повеќе реони. Најкритично е во подрачјата каде што нема регулација на реките и доловите. На локалитетот кај затворот однесена е гаражата и мостот, а има и повеќе поплавени улици и наноси од буиците и високиот водостој на реките.
Во селото Узем урнати се повеќе електрични столбови, а нанесени се и оштетувања на трафостаницата. Жителите од ова село останаа отсечени од градот бидејќи е однесен дел од патот, а има и големи оштетувања на селскиот водовод.
Поради урнатите електрични столбови без струја остана дел од населбите во градот и граничниот премин Деве Баир. Се најавува дека отстранувањето на дефектите ќе трае неколку дена, а граничните служби во моментот се снабдуваа со електрична енергија преку агрегати.
На нашата страна од границата нема проблеми со функционирањето на службите, но во прекин е и отежнато се одвива сообраќајот од граничниот премин Ѓуешево кон Ќустендил и Софија поради оштетувања на патната инфраструктура од меѓународниот пат.
Надлежните служби од Општината се наоѓаат на теренот, каде ја следат состојбата и превземаат мерки за санирање на најкритичните места.