Крива Паланка достоен репрезент на македонската култура

Крива Паланка е град со голема историја и традиција и таму културата се работи со жар, љубав и посветеност. Уверена сум дека како Град на културата ќе оствариме и меѓународна поврзаност и нова соработка  преку која и во иднина ќе можеме достојно и гордо да ја претставуваме македонската култура надвор од границите, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната прес конференција во Музејот на македонската борба во Скопје, на која беше промовирана Крива Паланка како Град на културата за 2024 година.

Таа подвлече дека очекува целокупната програма во рамките на манифестацијата “Град на културата 2024“ да  даде нов пулс на градот , поголема посетеност и афримација на културното и природно богатство на Осоговскиот регион.

Градоначалникот на Крива Паланка ,Сашко Митовски, во своето обраќање рече дека ќе бидат вложени сите ресурси и капацитети на општината за да ја  оправда титулата на културна престолнина во 2024 година, особено што ја добива по вторпат од 2013 година.

„Огромна е честа што Крива Паланка како мала општина успеа да се избори да биде центар на културата наспроти културните метрополи во државата, што дава дополнителна вредност и значење на нашата културна програма. Општината, заедно со НУ Центар за култура,  ЛУ Градски музеј, и со поддршка на Министерството за култура , во изминатите две години интензивно вложува на полето на културата по која станавме препознатливи во целиот регион“, посочи градоначалникот Митовски.

Според него, титулата „Град на културата 2024“  е круна на сите заложби и насочена енергија кон градење имиџ  на препознатливост на градот како достојна дестинација за културен туризам.

„Тоа го постигнавме со зачувување на традционалноите вредности, вложување и промоција во културно-историското богатство, голем број меѓународни манифестации и фестивали, како и креирање на нови културни продукти.

Програмата „Град на културата“ е проект на Министерството за култура, кој годинава ја поддржа Крива Паланка. Манифестацијата содржи над 50 настани со настап на голем број домашни и странски учесници.

Буџетот за културната програма изнесува околу 15 милиони денари од кои 3 милиони се од Министерството за култура, 9 милиони од  Општина Крива Паланка, а останатите од донатори.

Големина на фонт
Контраст