Манифестација  „Сусурига 2024“- возобновување на вековниот обичај на кривопаланчани

Општина Крива Паланка за првпат годинава ја организира манифестацијата „Сусурига 2024“, која ќе се оддржи на 16 март (сабота), на Градскиот плоштад, со почеток во 18 часот,  со што и официјално започнува програмата на „Крива Паланка –Град на културата 2024“.

Манифестацијата е посветена на празникот Прочка, а целта е заживување на згаснатата традицијата за маскирање и ритуално палење оган, познато како  сусурига, назив  што се среќава единствено во  Крива Паланка.

На програмата е ревија на групни (маалски) маски на локалните групи, како и дефиле и настап на групите: Бамбурци од  Ратево, Берово, Џоломари од Манастирец, Росоман и Кукери од  Пиперков Чифлик, Ќустендил, Бугарија.

Специјални гости на вечерта  се членовите на групата „Паљачи“ од  Варна, кои ќе изведат атрактивно Огнено-светлечко шоу.

Целиот настан ќе се одвива под маски и ќе има забава за сите граѓани.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, симболично ќе го запали ритуалниот оган, по што ќе следува традицијата на прескокнување на огнот и црнење на лицето – вековен обичај на кривопаланчани.

Градскиот маскенбал „Сусурига 2024“ е дел од манифестацијата  Крива Паланка –Град на културата 2024 , која ќе се реализира од мај до декември и која опфаќа над 50 атрактивни настани.

Големина на фонт
Контраст