Бркање на злото, лошите духови, вошки, болви…, но и простување на грeвовите, беа дел од ритуалниот и атрактивен настап на групните маски со бројни учесници, кои настапија на манифестацијата „Сусурига 2024“ , што за првпат ја организираше Општина Крива Паланка на Градскиот плоштад, во саботната вечер пред големиот празник Прочки.
Манифестацијата започна со пуштање светлечки фенери кои го исполнија небото, а градоначалникот Сашко Митовски го изврши ритуалот на традиционално палење оган околу кој се собраа присутните граѓани и гости.
Накитени со ѕвонци, клопатарци и тракатанци, нагрнати со животински кожи и други природни материјали и традиционални елементи, во ревијата на групни маски настапија чуените Бамбурци од Ратево, Берово, Џоломари од Манастирец, Росоман, Џаламари од Сопот, Кавадарци, како и локалните групи Осоговски Биждеци од КУЗ „Карпош“ и Трновски ветришта од КУД „8-ми Октомври“ при Ну Центар за култура од Крива Паланка.
„Сме учествувале на бројни карневали и маскенбали, сакаме да ја шириме традицијата и затоа го прифативме учеството и на кривопаланечката „Сусурига“. Задоволни сме од настапот и организацијата и порачуваме сите за Прочка да уживаат и да нема злоба “, рекоа уникатните Ратевски Бамбурци.
Публиката ги поздрави со овации и кривопаланечките групи кои се охрабрија да креираат групни маски и настап за релативно кратко време, почитувајќи го духот на традицијата и ритуалните обичаи што се изведуваат во нашиот крај за Прочки.
„Го изведовме обичајот „амкање на јајце“, кој од памтивек се практикува во речиси секоја куќа во Крива Паланка. Варено јајце се прободува со игла и потоа се провира конец, кој се врзува за таван или за стапче. Некој постар го ниша јајцето, а останатите се обидуваат да го фатат со уста, притоа не служејќи се со рацете. Велат дека јајцето треба барем да се допре со забите за да му бидат бели и здрави. Со презентација на овој обичај пред јавноста сакаме да потсетиме на традицијата и да ги вратиме обичајните вредности“, рече Аце Златановски, претставник на групата Трновски ветришта.
Посебна атракција на манифестацијата беше спектакуларниот огнено-светлечкиот перформанс што го изведоа членовите на групата Паљачи од Варна, Бугарија. Плоштадот беше исполнет со безброј пламени и светлечки фигури и комбинации што ја воодушевија кривопаланечката публика, а особено најмладите.
„Огромна е честа што сме дел од првото издание на манифестацијата „Сусурига 2024“. За првпат сме во Крива Паланка и во Македонија и се надеваме дека ова е само почеток на една плодна соработка во иднина. Имавме можност да го разгледаме градот и да се запознаеме со предвидените настани од културната програма, така што сметаме дека е сосема заслужена титулата „Крива Паланка-Град на културата за 2024“, посочија мајсторите на огнот и светлината од Варна.
Манифестацијата беше придружена со традиционално прескокнување на огнот и црнење на лицето со догорчињата, а граѓаните една на друг бараа прошка и си посакуваа здравје и среќа.
Градскиот маскенбал „Сусурига 2024“ е првиот настан со кој официјално започна програмата на манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.