Повеќе парови снаи и свекрви од земјава и соседството учествуваа во послесвадбениот ритуал на 14-то издание на манифестацијата „Невестинско поклонение“, која традиционално се одржа во кругот на црквата „Свети Теодор Тирон“ во Конопница, Крива Паланка.
Годинава, дел од невестинската поворка беа снаата Тина Спасовска и свекрвата Маре Спасовска од Крива Паланка, младата Сандра и нејзината свекрва Верица Петровска од Ранковце , како и Тања Арсова Богдановска , придружувана од Габриела Митровска од Герман.
Ексклузивни гости и на ова издание беа снаата и свекрвата од Галичка свадба, Елисавета Булоска и Виолета Андреевска, а за првпат учеснички беа и снаа и свекрва од Лесковац , Србија, Бранкица и Јованка Илиќ.
Манифестацијата ги обединува послесвадбените обичаи и е посветена на добивање благослов за род и пород , како и зајакнување на брачните и семејни врски. Во ритуалот учествуваат невестите кои склопиле брак помеѓу две Тодорици, облечени во родокрајна народна носија, а на подарок добиваат поклоненички марами и брошеви , како и благослов од кривопаланечките свештеници во храмот во Конопница. Според традицијата, невестите , заедно со свекрвите, чекореа во невестинска поворка и се поклонуваа пред „Свети Теодор Тирон“ со звукот на камбаната.
Покровител на манифестацијата е Општина Крива Паланка, а настанот и оваа година привлече голем број гости.
Учесничките на Невестинско поклонение , како и останатите присутни ги поздрави градоначалникот Сашко Митовски, кој подвече дека традицијата е стожер за заедништво и ги обединува сите.
“Невестинското поклонение е сведоштво за автентичната традиција, култура и трајните вредности пренесувани со генерации. Овој обичај е уникатен и автентичен за Конопница и нашиот крај, културен бренд што ја оживува традицијата. Ги негуваме обичаите како дел од идентитетот – белег на времињата што изминале и аманет да ги пренесуваме од поколение на поколение. Затоа, ги чуваме од заборав, одржувајќи ги до денес како мост за иднината“ , истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Пред 14 години, замрената традиција ја обнови идејниот творец на манифестацијата Стојанче Величковски од РЗР “Патник”, кој гради успешна приказна и ја обединува народната традиција во регионот.
Коорганизатори на настанот се Лу Градски музеј, НУ Центар за култура, МПЦ-ОА, месната заедница Конопница и локалното население.
„Невестинско полонение“ годинава е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024, поддржана од Министерството за култура.