Извонредни импресии од настапот пред кривопаланечката публика споделија македонската музичка легенда Каролина Гочева и композиторот и музичар Никола Мицевски, автор на најголемиот дел од песните од албумите „Македонско девојче 2“ и „Извор“, кои беа изведени на концертот во НУ Центар за култура изминатата сабота.
„Вечерва си поминавме многу убаво, и публиката и ние, ние барем со сигурност уживавме. Мислам дека после оваа вечер ќе зачестат нашите средби “, посочи Каролина по моќната изведба на нејзините хитови со кои ја освои публиката.
И таа и Мицевски даваат поддршка на Крива Паланка – Град на културата 2024, како и на кампањата за купување концертен клавир.
„Ви посакувам многу, многу настани и ви посакувам акцијата со купувањето на клавир да биде што побргу завршена. Следен пат кога ќе дојдеме да свираме, би сакал да свирам на концертниот клавир“, рече Мицевски.
Со концертот на Каролина Гочева и официјално започна манифестацијата „Крива Паланка – Град на културата 2024“, која предвидува над 50 разновидни настани со учество на домашни и странски автори и уметници.
Веќе во април се планирани повеќе културни настани за публика од различни возрасти и афинитети.